Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ВО ПОСЕТА НА КОМПАНИИТЕ
06.11.2019 👁 Прочитано: 618

ПОВОЛЕН ПРИСТАП ДО ФИНАНСИИ - ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОВЕЌЕДЕЦЕНИСКИОТ УСПЕХ НА КРЗНАРАТА ДИМКО МИТРЕВ


Компанијата за производство и трговија на крзно и крзнени производи Димко Митрев од Велес е активна членка на Стопанската комора на Македонија и директно е инволвирана во нејзините органи и тела.

Основана е како претпријатие за ќурчиски и кожарски производи во 1947 година, а во акционерско друштво е трансформирана во 1997 година.

ПОВОЛЕН ПРИСТАП ДО ФИНАНСИИ - ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОВЕЌЕДЕЦЕНИСКИОТ УСПЕХ НА КРЗНАРАТА ДИМКО МИТРЕВ Денес, претежната дејност на компанијата е доработка и боење на крзно и  производство на предмети од крзна. Во неа се произведува крзно од овчка и јагнешка кожа и тоа: крзно велур за обувки, декоративно крзно, крзно тепих, медицинско крзно и поставно (чевларско) крзно. За потребите на производството сурова овчка кожа се набавува најчесто од увоз (Австралија и Нов Зеланд, потоа од Јужна Америка и скандинавските земји), додека 10% од хемикалиите се набавени од домашен пазар, а 90% се од увоз. Во делот на конфекција, односно производи од крзно се произведуваат: крзнени обувки, декоративни производи од крзно, крзнени теписи (шиени и ткаени), ХТЗ производи (технички бунди, шоферски бунди, заштитни елеци, работни одела и работни мантили), кожна и крзнена галантерија (вентијаги од напа, крзнени перничиња, таписерии, стапки и др.), автопреслаки од природно крзно, производи од медицинско крзно (беби вреќи, крзнени ќебиња, ТИР форми и др.).

Околку 97% од вкупниот извоз на компанијата е наменет за еврпскиот пазар и тоа најголем дел за Шведска, а помал за Германија и Словенија. Најмногу се извезуваат крзнени обувки (топлинки, влечки, чизми и други производи). Вредноста на извозот во 2018 година изнесува околу 4 милиони евра, а компанијата вработува 260 лица.

Во просториите на Димко Митрев се реализираше работна посета на потпретседателот на Стопанската комора на Македонија д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска и м-р Анета Димовска одговорна за анализи и истражувања на стопанскиот систем и економската политика во Комората. На средбата со генералниот директор на Димко Митрев г-дин Атанас Киров се дискутираа актуелните предизвици со кои се соочува компанијата, првенствено поврзани со пристапот до финансиски средства за модернизација на производството, како и за заокружување на инвестициите за завршување на втората фаза од пречистителната станица.

 

Имено, Димко Митрев Велес во текот на претходните неколку години имаше повеќе активности поврзани со инвестиции заштита на животната средина. Пуштена во употреба пред извесно време е пречистителна станица за пречистување на хромните води од штавениот погон на компанијата, чија вредност изнесува околу 300.000 евра. Преку оваа станица отпадната вода од технолошко производниот процес е целосно прочистена, а со тоа ќе се подигне квалитетот на отпадните води што се испуштаат во реката Вардар.

Од страна на компанијата беше изразена подготвеност за имплементирање на практична настава и вклучување во процесот на дуално образование, со цел создавање на кадар согласно сопствените потреби. Секако, Стопанската комора на Македонија останува на располагање во насока на поддршка во реализацијата на проектите кои се оценети како приоритетни од страна на компанијата Димко Митрев од Велес.

Д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
М-р Анета Димовска