Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
04.11.2019 👁 Прочитано: 277

РЕЦЕСИЈАТА ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА И ПОСЛЕДИЦИТЕ ВРЗ СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ


Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамките на Советот на странски инвеститори, на прес конференцијата одржана во Комората, истакна дека тоа што се случува во автомобилската индустрија на глобално ниво е тренд започнат пред една година, при што проекциите покажуваат дека во 2019 година ќе се произведат 4,3 милиони патнички возила помалку во споредба со претходната година, како резултат на намалената побарувачка.

„Најголем пад се очекува на пазарите во Кина, Европа и САД, а според прогнозите првото закрепнување во овој сектор се очекува најрано во 2022 година, но уште поверојатно во 2023 година, кога се очекува да се остварат слични резултати како оние во 2018 година.  Во Кина, после 28 годишен раст, евидентиран е значителен пад од 12-13% на продадени возила, додека во Индија тоа е уште подрастично со пад од 25% на месечно ниво, како и кај БРИКС земјите, со исклучок на Бразил каде што има пораст.Она што е специфично во оваа ситуација е дека не се исто погодени од рецесијата сите поголеми играчи во автоиндустријата,  производителите од премиум класата како Јагуар, Ленд Ривер, Ауди, Фолцваген и други трпат најголеми последици, како и неколку кинески производители кои работат на глобалниот пазар“ – потенцира Мизо.

„Причините за овие негативни трендови можат да се лоцираат пред се кај глобалната трговска војна помеѓу САД и Кина, несигурноста и нејасната слика што ќе се случи со Брегзит, заострените прописи во врска со користењето на дизел возилата, како и имплементацијата на регулативата за електрификација која не е иста на секој континент. На крајот, тука е и економското успорување на глобалните економии како САД, Кина, Германија, Италија, Велика Британија не го постигнаа очекуваат раст како и во изминатите години. Иако веќе е најавено скратено работно време и масовни отпуштања на работници кај европските гиганти,  сепак првите знаци на рецесијата не се толку драстично изразени како тие во 2008 година во времето на глобалната рецесија.  Од друга страна, автомобилските добавувачи не се директно погодени од глобалната рецесија и  продолжуваат со производствените планови без некакви поголеми промени во нарачките од странските партнери, со проекции на пад на побарувачката од 3-5%.“ – изјави претседателот на Асоцијацијата

Боријан Борозанов, потпретседател на Асоцијацијата напомена дека на локално ниво, со цел амортизирање на ефектите од глобалната рецесија, компаниите ќе треба да се фокусираат на рационализација на трошоците, имплементација на нови технологии и иновативни решенија, како и на зголемување продуктивноста во работењето.

„Во наредниот период странските инвеститори кои оперираат во земјава нема да можат да се натпреваруваат со цена на работна сила, туку многу повеќе со квалитет, навремена испорака и напредни иновации“ – поентираше Борозанов.

На крајот на прес конференцијата беше најавена и втората работна средба на компаниите-членки на Асоцијацијата со премиерот Заев и неговиот економски тим на која ќе се дискутира за барањата за подобрување на условите за водење бизнис во земјава и олеснување на работењето во специфични области со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странскиот капитал во земјата, проширување на постоечките капацитети и дополнителни работни места.

Влатко Стојановски

РЕЦЕСИЈАТА ВО АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА И ПОСЛЕДИЦИТЕ ВРЗ СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ