Перспективите на текстилната и на кожарската индустрија и потребата од зголемување на продуктивноста

   

АКТУЕЛНО / 24.02.2020
👁 Прочитано: 466


Перспективите на текстилната и на кожарската индустрија и потребата од зголемување на продуктивноста

Текстилната и кожарската индустрија во Република Северна Македонија се од особено значење, како по бројот на вработените, така и според извозот каде во овој  сектор особено дојдоа до израз претприемничките иницијативи, кои создаваат солидна материјална основа и претставуваат едни од водечките преработувачки индустрии во земјава со значителни резултати во формирањето на БДП.

Делот од анализата на Стопанската комора на Македонија за идентификација на развојните можности за извозна диверзификација, со фокус на текстилната и кожарската индустрија ја презентираше проф. д-р Дарко Лазаров, информирајќи дека, согласно потенцијалите и компаративните предности на македонските производи, анализата упатува на фактот дека е неминовно преструктурирање на производството во овие дејности, модернизација и автоматизација на целокупниот производствен процес, како и производство на производи со повисока додадена вредност.

Со извезени производи во висина од околу 572,7 милиони САД долари и релативно учество во вкупниот извоз на ниво на државата од 8,6 %, текстилната индустрија претставува еден од столбовите на домашната економија со потенцијал за негов развој во наредниот период. Оваа индустриска гранка има 252 извозно ориентирани компании и 182 производи имаат компаративна предност, а со оглед дека се работи за трудоинтензивни дејности, околу 85% од додадената вредност на производството отпаѓа на вредноста на трудот.

Перспективите на текстилната и на кожарската индустрија и потребата од зголемување на продуктивностаПретседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија, Ангел Димитров, потенцираше дека оваа индустрија во Македонија во последните години е во тешка ситуација, а тоа е резултат на повеќе услови. Прво, има недостаток на млад и стручен кадар кој би работел во оваа дејност, второ, проблем е големото иселување на населението од државава, како и покачувањето на платите кое не кореспондира со нивото на продуктивноста во оваа дејност. Со последното покачување на минималната плата таа ќе изнесува 58% од просечната плата на ниво на државата, а 80% од просечната плата во текстилниот сектор. Друг проблем е и тоа што 93% оваа индустрија се базира на „ЛОН“-производство, се увезува готов материјалот, кај нас само се доработува, се шие и се пакува, а за тоа цената по единица производ е мала, што  е голем проблем на овие компании за продолжат со работа, а секако конкуренција се азиските пазари. Бројот на вработени од година во година постепено се намалува, односно од 43.848 вработени во 2007 година, последните години се движи околу 36-38 илјади вработени во оваа дејност, односно во 2018 година вработени се 6.027 во производство на текстил и 30.243 лица во производство на облека, што сепак претставува скоро 30 проценти на вработените во преработувачката индустрија.

-Затоа компаниите во наредниот период ќе мора постепено да се приспособуваат и да се преструктуираат во своето производство и начин на работење, да ја зголемат продуктивноста во нивното работење, кој процес секако ќе бара инвестиции во неколку области, почнувајќи од човечки ресурси, нивна едукација, потоа модернизација на производниот процес (квалитетна организација на производството), па се` до обезбедување средства за набавка на основен и помошен материјал, - истакна Димитров.

Сашо Деспотоски