Обраќање по повод потпишување на Меморандум за соработка со “Македонија 2025”

   

👁 Прочитано: 1626


Обраќање по повод потпишување на Меморандум за соработка со “Македонија 2025”

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија

Стопанската комора на Македонија како најбројна бизнис асоцијација во нашата земја е носител на економските активности кои како наши барања или приоритети се вметнати и во програмите на Владите, но и како приоритети се поставени како активности на делување во земјата но и на повеќе проекти (како што е Коморскиот инвестициски форум-КИФ) надвор од нашата земја. Во нашиот фокус на работа се активностите поврзани со поддршка на извозните компании, работиме на активности за развој на инфраструктурата и секако напредок на образованието како главни столбови за подобрување на конкурентноста на националната економија.

Стопанската комора на Македонија набргу, за 2 години, ќе го слави својот голем јубилеј-100 години од коморско организирање во РМ. Големината на нашата Комора се гледа во нашата традиција и нашите членки. Во стопанската комора на Македонија членуваат скоро сите големи компании кои работат во нашата земја и се организирани и делуваат преку повеќе облици на здружување во комората, кај нас се скоро сите странски инвеститори организирани во советот на странски инвеститори (компаниите со доминантен странски капитал).  Ги вмрежуваме домашните со странските компании се со цел пренесување на знаење, искуство и екпертиза од странските компании и создавање ланец на нивна соработка.

Во комората членуваат сите компании кои сакаат да бидат дел од нашето семејство, здружени на доброволна основа.

По вокација, соработуваме со државните институции со цел пренесување и реализација на барањата на нашите членки. Соработуваме со другите домашни бизнис асоцијации како и со меѓународните институции во земјата и надвор од неа.

Ги делиме со Македонија 2025 главните стратешки цели како што се:

1.Забрзување на економскиот развој (привлекување странски инвестиции, поддршка на конкурентноста на македонските компании, стимулирање на развојот на извозот; поддршка на растот на претприемачите и start-up компаниите)
2.Имплементирање образовни програми кои го забрзуваат развојот на лидерството и го инспирираат и подобруваат претприемништвото во Македонија
3.Поддршка во изнаоѓање модус кај компаниите за подобрување на квалитетот и вештините на кадарот кој треба да се инкорпорира во приватниот сектор и сл.

Посакувам со потпишување на меморандумот за соработка да ги оствариме заедничките цели заради искористување на врските и поддршката од дијаспората, пренесување на нивното искуство и знаење и создавање на подобар амбиент и економски услови за работа во нашата земја. Да ги отвориме можностите и перспективите за соработка и секогаш да бидеме спремни за имплементирање на најнови технологии, иновации и можности во работењето. Во контекст на ова ќе го завршам обраќањето со една мисла на Алберт Ајнштајн –“Умот е како падобран, функционира единствено ако е отворен”.