Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Неделен коментар
27.09.2019 👁 Прочитано: 107

РЕГУЛАТИВА, ОБРАЗОВАНИЕ, РАБОТНА СИЛА


Станува се ` појасно и очигледно дека 21-от век е време на интелектуална конкурентност. Заради тоа, како доминантен национален интерес пред секоја земја се поставуваат две барања: продукција на умови и создавање услови на тие умови да се задржат во земјава и да се искористи нивниот потенцијал.

Изминатава недела Комората организираше трибина со учество на бизнис-секторот на тема: „Стручен кадар по мерка на бизнисот“, а колку многу ни е значајно ова прашање, потврдува вклученоста на Комората на уште неколку битни настани поврзани со образованието и создавање кадар во согласност со потребите на бизнисот, што, исто така се случија оваа недела, меѓу кои и Регионалната конференција на земјите од Западен Балкан и Турција, на тема: „Вклучување на малите и средни претпријатија во учењето преку работа“, што се одржа на 25 и 26 септември, како и Тркалезната маса на тема: „Можности за пазарно ориентирано неформално образование“ што се одржува денес во Комората.

Континуираните активности на овој план само ја потврдуваат стратешката определба на деловната заедница дека образованието е врвен приоритет, кое е основа за натамошен успех, како за самите поединци, така и за компаниите и за општеството во целина.

Од изреката на револуционерниот Нелсон Мандела според кој „образованието е најмоќното оружје со кое можете да го промените светот“, може да се изведе заклучок од каде да се започне.

Факт е дека се неопходни системски промени во образованието, кои ќе овозможат брзина и флексибилност во дејствувањето со цел создавање функционален модел на средно стручно образование (дуално образование) , каде праксата ќе биде значаен елемент од образовниот процес на учениците, за тие понатаму да можат активно да се вклучат во работниот процес во компаниите.

Но, за да бидат овие оспособени лица доволни и соодветни за потребите на работодавачите, потребни се уште неколку клучни промени, кои може да се систематизираат во три сегменти.

Првиот сегмент се однесува на промените во регулативата и промените кои треба да се направат во креирањето на образовните програми и уписните политики во училиштата, во согласност со потребите на бизнисот, а за тоа, секако, е потребно вклучување и на деловната заедница, и на коморите, и на надлежните министерства и други образовни институции. Овде, не помалку значајно е и решавањето на прашањето на рационализација и соодветна реалокација на мрежата на стручни училишта според потребите на компаниите на локално и на регионално ниво. Она што е мошне интересно да се спомене е дека кај нас реално не недостасува регулатива поврзана со стручното образование и обука, туку проблемот е што постои хиперрегулација во оваа област, па секоја мала промена предизвикува потреба од долги процедури за промени и неможност за брзо и флексибилно приспособување на современите потреби на пазарот на трудот. Во западноевропските држави каде што постои дуален систем на образование (Австрија, Германија, Швајцарија), законската регулатива ги поставува само основите на дејствување на надлежните институции, без какви било преклопувања, за да можат тие понатаму преку полабави варијанти на регулација од типот на процедури, меморандуми и договори за соработка, да ги уредат натамошните прашања кои се значајни за создавање функционален систем на средно стручно образование.

Затоа, тенденцијата за претерана регулација на овие прашања, што се случува кај нас, евидентно дава контраефекти во однос на брзината на дејствување и креирање на неопходните промени кои ќе значат и обезбедување на потребниот кадар за бизнисите, а тоа пак доведува и до други негативни консеквенци како што се размислувањата за преселба на капиталот на компаниите во други земји и помал број нови инвестиции.

Вториот сегмент се однесува на прашањето за справување со појавата на масовна миграција на работоспособното население од државава , а со тоа и намалување на можностите компаниите да најдат соодветни квалитетни кадри, но и соодветен број кадри кои им се потребни. Оваа појава е идентификувана како проблем како од домашните компании, така и од компаниите со странски капитал кои работат во земјава. Компаниите, како главни причини за оваа појава ги наведуваат економската и политичката нестабилност, ограничените можности за професионален развој, несоодветните или ограничените урбани услуги и инфраструктура (вклучувајќи здравство, образование, комунални услуги и друго), недостаток на доверба во институциите на системот, па дури и целокупна безнадежност, песимизам и корупција . Промените што треба да се направат во овој дел, се секако крупни прашања, кои треба да бидат приоритет за државата и за сите институции и поединци, бидејќи во спротивно ќе се соочиме со негативни ефекти во повеќе сегменти во општеството. Дури и да ги земеме предвид само оние од економска природа, повторно се многу на број: тешкотии во долгорочното планирање на деловните активности на компаниите, губење на работоспособното население, намалена побарувачка на стоки и услуги, па дури и намалена конкурентност на пазарот.

Третиот сегмент се однесува на промените во регулативата, но и во имплементацијата од страна на надлежните институции, кои можеби треба да се направат за да се најде соодветно решение за недостигот на квалификувана работна сила и на краток, но и на подолг рок, а тоа се прашањата поврзани со можноста за увоз на работна сила од странство. Ваквата алтернатива можеби навидум изгледа „непатриотска“, заради нејзината спротивност со желбата и намерата на секоја држава да ги задржи сопствените граѓани во земјата, обезбедувајќи им добар животен стандард, мир и благосостојба, но во услови на пазарна економија, отворени граници и мобилност на работната сила, ова прашање не треба да се третира како невозможно, чудно или нереално. Ако имаме предвид дека сме мала, отворена економија, ако се соочуваме со предизвиците како да најдеме доволен број квалитетни работници, тогаш очекувано е бизнис-заедницата да го постави прашањето зошто административните постапки за обезбедување на работни дозволи за странци се толку комплицирани и долги. Ангажирањето на експерти и технички персонал во текот на годината е неопходно кај компаниите со технолошко напредно производство. Според мислењето на странските инвеститори, процедурите за аплицирање и за добивање дозвола за престој и за работа во земјава се доста сложени и ограничувачки, со што ја лимитираат одлуката на компанијата за ангажирање странски експерти. За побрз трансфер на знаење, компаниите, а особено поголемите странски корпорации, користат поддршка од странски државјани кои во корпорациите работат подолг временски период или ангажираат надворешни експерти за конкретни прашања. Нивните коментари, дури и за ваков тип ангажмани на странци се дека постапката за добивање работна дозвола, односно дозвола за постојан престој често е предолга и е комплицирана дури и за граѓани на Европската унија. Затоа, во наредниот период, Комората ќе го отвори и ова прашање, и со надлежните институции ќе ги разгледа регулативата, предизвиците и можностите, но и евентуалните последици од увозот на работна сила од странство, како предлог-решение за справување со недостатокот на квалификувана работна сила во земјава.

Несомнено е дека за да можеме да направиме каков било реформски чекор во системот на образование и обезбедувањето квалитетен кадар, потребно е учество на сите општествени чинители. Со други зборови, и покрај желбата, ако имаме неусогласени и поединечни институционални активности, не може ништо да постигне. А факт е и дека желбата нешто да се постигне постои кај сите. Потребно е само усогласување на плановите, желбите, реалноста и потребите, за да се дојде до придвижување на работите во позитивна насока.

РЕГУЛАТИВА, ОБРАЗОВАНИЕ, РАБОТНА СИЛА