ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Од компаниите
21.06.2019 👁 Прочитано: 473

Пет македонски банки во Топ-100 во регионот


Комерцијална, Стопанска, НЛБ, Халк и Охридска банка се единствените пет македонски кредитори кои се најдоа во Топ-100 листата во рангирањето на најголемите од регионот за 2018, односно кај пост-социјалистичките земји што биле во транзиција, што значи кај сите без Грција.

Според податоците од Народна банка, Комерцијална банка е прва меѓу македонските, иако во меѓувреме паднала од 25 место во 2017 на 40-то во 2018. Тука не помогнала ниту зголемената актива за 9,09 отсто или вкупно 1,860 милијарди евра и зголемувањето на нето-добивката од 13,3 на 29 милиони евра.

Во првата половина е и Стопанска банка со скокот од 52 на 50-та позиција. со актива од 1,49 милијарди евра и раст од 6,33 отсто. Порасната е и нето-добивката од 33,2 на 44,7 милиони евра, што е и најдобар резултат од сите други банки од земјата.

НЛБ Банка со 1,33 милијарди евра и добивка од 34,5 милиони евра бележи напредок од 60 на 54 место. Најголем скок бележи Халк Банка од 88 на 76 со раст на активата од 11,74 отсто за една година и 766,6 милиони евра. Од 98 на 88 позиција во рангирањето напредок има и Охридска банка со најголем пораст од сите други, односно 12,35 проценти со 643 милиони евра.

На прво место со 15,9 милијарди е Банка Трансилванија од Романија, која на трето место ја симна од врвот Банка Комерцијала, исто така од Романија, со 14,56 милијарди евра. На второ место си остана Загребачка Банка од Хрватска со 15,26 милијарди.

Од Бугарија најистакната е УниКредит Булбанк со 9,92 милијарди. Од Словенија најдобра е Нова Љубљанска Банка со 8,8 милијарди. Банка Интеса од Србија има 4,84 милијарди, а Банка Комбетаре од Албанија е со 3,46 милијарди. УниКредит Банк д.д Мостар во БИХ е најголема со 3,04, додека Молдова Агроиндбанк од Молдавија има 1,2 милијарди евра. Рајфајзен Банк од Косово поседува 889, а Црногорска Комерцијална Банка од Црна Гора оплодува 692 милиони евра.

Пет македонски банки во Топ-100 во регионот