ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
08.05.2019 👁 Прочитано: 3350

ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР - BIM (Building Information Modeling)


Дигиталната трансформација го менува процесот на работење на компаниите од сите стопански гранки правејќи го драстично различен од пред 20, односно 30 години. Несомнено, дигитализацијата го засега иградежништвото иако тоа е еден од најмалку дигитализираните сектори.

Во услови кога одредени сектори својот развој може во еден дел да го потпрат на нови технологии, знаења, иновации, ИТ алатки, градежништвото сѐ уште се соочува со проблеми поврзани со ефикасноста, продуктивноста и квалитетот на изградбата, што во пракитката негативно се одразува врз трошоците и временската рамка предвидена за реализација на проектите. Во дел од случаите, причините за овие состојби се непостоењето на механизми за целосно следење на процесот, како и недоволната соработка и комуникација помеѓу главните актери во изградбата. Следењето на процесите е потешко кога се заснова на писмена документација (листови за евиденција на работни часови, градежни книги, градежни дневници и сл.). Ова несомнено преставува поттик во градежната фела да се размислува за дигитализација, воведување процеси и алатки за побрз проток на информации и олеснување на комуникацијата помеѓу чинителите во изградбата (проектантите, изведувачите, надзорот).

Дигитализација во градежниот сектор е процес кој е веќе започнат. BIM - Building Information Modeling, во моментот е во центарот на дигиталната трансформација на градежниот сектор. BIM не е нова алатка, меѓутоа претставува тренд кој сѐ повеќе се применува во секторот особено во развиените западни земји. BIM претставува тридимензионален процес што им дава на архитектите, инженерите и градежните професионалци увид и алатки за поефикасно планирање, проектирање, изградба и управување со објектите и инфраструктурата во насока на усогласено преземање на активности во процесот на изградбата и одбегнување на можности за грешки во сите фази на изведбата на објектот.

Согледување на потенцијалите и предностите од примената на BIM е и во фокусот на проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ - TRAINEE кој го спроведува Стопанската комора на Македонија со партнерите во проектот: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Центарот за образование на возрасни Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и BIM Академијата од Шпанија. Проектот „TRAINEE“ има за цел да ги надгради вештините во градежништвото, да се постигне мултидисциплинарен пристап кај одржливото градење каде ќе се иницира примената на алатки за информациско моделирање на градби (BIM-building information modeling) на национално ниво, да ја подигне свеста на ниво на државата и секторот за потребата од изградба на енергетски ефикасни објекти, и на крај, да се постигнат енергетските заштеди кои се резултат од примената на мерки за енергетска ефикасност во процесот на градење што е особено значајно ако се земе предвид дека објектите учествуваат со 36 % во вкупната потрошувачка на енергија во земјата.

Градежната фела е запознаена со новите технологии, меѓутоа се поставува прашањето колку тие се применуваат во практиката и колку компаниите се подготвени да се прилагодат на промените кои во иднина ќе ги донесат „Паметните објекти (Smart buildings)“. Процесот на дигитализација претставува предизвик, како од аспект на соодветната имплементација на дигиталните решенија и алатки, така и од аспект на потребата за обука и преквалификација на кадарот за примена на новите технологии. Сепак ако се земе предвид фактот дека дигитализацијата е неизбежен процес, тогаш може да се заклучи дека градежните компании порано или подоцна ќе треба да се подготват за новините кои ги носи примената на современи и иновативни технолошки решенија како предуслов за подигнување на конкурентноста, продуктивноста и ефикасноста во работењето.

М-р Нена Николовска

ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР - BIM (Building Information Modeling)