ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
16.04.2019 👁 Прочитано: 6926

ИНОВАТИВНОСТА КАКО УСЛОВ ЗА РАЗВОЈ


Освојувањето нови пазари, но и исполнувањето на очекувањата и барањата на новите генерации на потрошувачи, кои континуирано се менуваат во согласност со новите трендови, од компаниите бара постојано да воведуваат нови решенија, односно иновации во однос на производите и услугите кои ги нудат на крајните потрошувачи, но истовремено и во начинот на организација на производствените процеси и дистрибуцијата.

Иновацијата мора да биде основната алатка во работењето на која било компанија, без оглед на нејзината големина, секторот во кој работи, дали е извозно ориентирана или не... Суровата реалност е дека доколку континуирано не воведуваат иновации во своето работење, компаниите полека изумираат - и тоа, не толку полека во изминативе години.

Проценките на списанието „Форбс“ се дека додека во минатиот век просечниот животен век на најуспешните компании изнесувал 67 години, денес тој изнесува 15 години, што го наметнува императивот за компаниите постојано да иновираат за да успеваат да ги побијат овие очекувања. Впрочем, во САД, дури 88% од компаниите кои се нашле на рангирањето на 500-те најголеми компании на списанието „Fortune“ првиот пат кога било направено ова рангирање, во 1955 година, денес не постојат – тие се банкротирани, преземени, или сé уште постојат, но веќе не се на врвот на листата на најголеми компании. Како што се намалува очекуваниот период на постоење и успешно работење на компаниите, очигледна е важноста на иновацискиот екосистем во една успешна економија.

Како стои македонското стопанство по однос на ова прашање? Неспорно е дека има голем простор за подобрување на состојбите. Впрочем, податоците од последниот извештај на Глобалниот индекс на иновативноста за 2018 година ( https://www.globalinnovationindex.org/Home ) покажуваат дека помеѓу анализираните 126 земји, дури 15 од топ 25-те најиновативни економии се од Европа, при што на врвот на листата цврсто се позиционирани три европски земји – Швајцарија на првото место, следена од Холандија на второто и Шведска на третото место... Македонската економија, за жал, не котира високо на листата - позиционирана на 84-то место, помеѓу европските држави се наоѓа единствено пред Белорусија (позиционирана на 86-то место), додека сите останати држави од регионот се позиционирани повисоко - Бугарија (37-то место), Хрватска (41-то место), Грција (42-то место), Црна Гора (52-то место), Србија (55-то место), Босна и Херцеговина (77-то место), Албанија (83-то место).

Затоа, секоја поддршка во насока на унапредување на иновативноста во македонската економија цврсто е поддржана од Стопанската комора на Македонија. Воведувањето на иновативни концепти поврзани со нивните бизнис процеси, производи или услуги, мора да претставува континуиран процес за секоја македонска компанија, без оглед дали станува збор за успешна етаблирана компанија, или за стартап компанија. Инструментот за поддршка - кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации на Фондот за иновации и технолошки развој е само една од мерките кои треба да помогнат да се поместат состојбите - впрочем, големиот интерес од присутните компании на презентацијата која беше одржана во Комората само покажува дека сé уште е жив иновацискиот дух кај македонските стопанственици, само потребна е финансиска, но и техничка и консултантска поддршка за тој да продуцира позитивни резултати. Вчерашниот настан овозможи и вмрежување со компании кои веќе реализираат позитивни резултати од проектите кои ги спроведуваат со поддршка на мерките од Фондот, пренесување на искуства, насоки и совети за компаниите кои се заинтересирани да поднесат апликација, како своите креативни идеи да ги преточат во успешни деловни потфати.

Еден цитат на Ајнштајн вели: „ако постојано го правиш тоа што отсекогаш си го правел, секогаш ќе го добиваш истиот резултат што секогаш си го добивал“. Истото, помалку или повеќе, се однесува и на македонската економија - не можеме да очекуваме дека ќе имаме чудесни стапки на економски раст, ако секојдневно не се развиваат нови производи, не се унапредуваат постојните услуги, не се воведуваат нови производни процеси... без нив, ќе останеме на нивото каде што сме, далеку зад европскиот стандард. Постои потенцијал да се постигне многу повеќе. И тој треба со сите сили да биде поддржан!

д-р Татјана Штерјова, советник на УО во Стопанската комора на Македонија

ИНОВАТИВНОСТА КАКО УСЛОВ ЗА РАЗВОЈ 

ИНОВАТИВНОСТА КАКО УСЛОВ ЗА РАЗВОЈ