ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
04.04.2019 👁 Прочитано: 9770

АПЛАУЗ ЗА БИЗНИСОТ – ШТО Е СЛЕДНО?


По завршувањето на Бизнис форумот со стопанствениците од Грција, кој се случи по историската посета на премиерот Ципрас, во преполна сала со над 600-тини гости, од кои над 400-тини стопанственици од двете земји, вредно е да се поентираат клучните чекори и активности кои ќе придонесат во создавање на нови и продлабочување на постојните стратешки партнерства.

Поврзување на грчкиот гасовод и вклучување на земјата во интерконтинентален гасовод, зголемена соработка во енергетскиот сектор, подобрување на транспортната поврзаност и поголемо користење во превозот на стоки со железницата, Солунското пристаниште, раст на трговската размена и инвестициите, избегнување на двојното оданочување, решавање на проблемите со трговските марки, модернизација на постојните и изградба на нови гранични премини, како и олеснување на протокот на стоки и патници по истите, се поентите кои треба да ги придвижат двете земји во поголема меѓусебна соработка, но и да направат Балканот да биде регион со високо економско значење. При тоа, Грција да биде влезна, а нашата земја транзитна точка на енергетските и транспортните рути, како и на сите иницијативи и проекти, што ќе ја направи позначајна нашата позиционираност во Централна Европа. Со планирање, градење и инвестирање во регионална инфраструктура, целиот регион добива нова, многу поголема вредност. 

Прво, потпишаниот Договор со грчкиот оператор на гас ќе услови од една страна обезбедување со евтин енергенс за стопанските субјекти кои работат во земјите од овој регион, но и како коридор низ кој би транзитирал тој енергенс до другите дестинации во Европа. 

Второ, во услови кога имаме соодветна патна поврзаност и авионска линија Скопје - Атина, модернизирањето на железничката инфраструктура има клучна улога во поврзувањето на пристаништата од Грција преку Скопје, Белград, до дестинациите во Централна Европа. За нашето стопанство, Солунското пристаниште има и натаму ќе има приоритетно, односно стратешко значење како земја која нема излез на море, за што говори и фактот дека 90% од нашите превози по морски пат одат токму од оваа точка. Податоците говорат дека процентот на застапеност на стоката од и за Македонија во вкупниот обем на работа на Солунското пристаниште е околу 27,5% за генералните товари, додека за контејнерите изразени во TEU единици е 6,5%. Ако во соработка на царинските служби од двете страни на границата, се иницираат активности за олеснување и скратување на времето потребно за извршување на царинските формалности, ова пристаниште може уште повеќе да послужи како отворена порта за нашата економија, скратувајќи го времето за спроведување на постапките, што ќе услови намалување на трошоците за компаниите, а со тоа ќе се подобрува конкурентноста.

Досегашната меѓусебна соработка и искуства покажаа дека бизнисот е тој кој гради мостови и е линк кој ја поддржува билатералната соработка помеѓу двете земји, имајќи предвид дека неколку декади наназад Република Грција е еден од нашите најголеми надворешно-трговски партнери, секогаш во првите 5 позиции и стратешки инвеститор во нашата земја. Во изминатите 20 години, грчките компании реализираа инвестиции во нашата земја од околу 500 милиони евра во банкарскиот сектор, енергетиката, трговијата, прехранбениот, текстилниот сектор, во градежништвото. Гледано и од сегашна перспектива, но и од најавите во рамките на Форумот, голем дел од овие сектори и натаму ќе останат во фокусот на меѓусебниот економски интерес. 

Ако минатата година е остварен вкупен обем на размена од приближно една милијарда САД долари, новите договори меѓу двете земји само ќе помогнат бројките во периодот што следи да имаат нагорен тренд, но акцентот неопходно е да се стави на проширување на извозните активности на македонските компании за да дојдеме до тоа трговскиот дефицит да почне постепено да се намалува.

Потпишаниот Меморандум за формирање на заедничкиот комитет меѓу двете земји, кој ќе биде составен и од претставници на бизнис заедницата, покрај нудење предлог-решенија во стратешките сектори на делување, како енергетскиот, транспортниот сектор, градежништвото, ќе работи генерално на продлабочување на меѓусебната соработка, но и во насока на креирање услови за заеднички настап на трети пазари.

Билјана Пеева-Ѓуриќ, директор во Стопанската комора на Македонија

АПЛАУЗ ЗА БИЗНИСОТ – ШТО Е СЛЕДНО?