1002 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Ставови
19.03.2019 👁 Прочитано: 3967

ЗГОЛЕМЕНА ИНВЕСТИЦИСКА АКТИВНОСТ СО ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА


Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како дел од Планот за економски раст, беше донесен во мај 2018 година, во насока на поддршка на успешните производни деловни субјекти кои остваруваат позитивни финансиски резултати и го зголемуваат бројот на вработени лица.

После неполна година откако Законот е во сила, истиот во основа ги постигна следните цели:

- се отвори сериозна можност за финансиска поддршка на домашните компании, кои сега покрај странските директни инвеститори имаат изедначување на условите за водење бизнис и еднаков третман на пазарот;
- се услови поттикнување на производството и извозот со цел да се подигне конкурентноста на сите економски субјекти независно на нивната големина или потеклото на капиталот, а сето тоа во насока да се зголемат економските активности и да се постигне повисок степен на раст на економијата во целина.

Стопанската комора на Македонија и нејзините членки го поддржаа носењето на Законот, но имаа и конкретни предлози за да може во поголема мера да бидат искористени мерките и да ја исполнат целта за која беа поставени. Дел од тие предлози кои во најголема мера се однесуваа на стриктно поставените критериуми по кои можат компаниите да бидат корисници на финансиска поддршка се земени во предвид и се дел од предлог-измените и дополнувањата на Законот што на јавна расправа го претстави Владата на Република Северна Македонија. Покрај тоа што условите се либерализирани, пролонгиран е рокот за доставување апликации, а воедно проширен е и опфатот на субјектите кои ќе можат да ги користат бенефитите од мерките, вклучен е и ИКТ-секторот, но и трговските компании кои имаат план да вршат и производствена дејност. Бројката од 100-тина компании, голем дел од нив и членки на Стопанската комора на Македонија, кои ја искористиле лани поддршката преку Законот покажува дека има значителен интерес и потреба за државна финансиска поддршка на инвестициските процеси на компаниите. Во услови кога компаниите имаат планови за раст и развој, а на странските пазари постои изострена конкуренција, поддршката пред се` за развој на индустријата е неминовен процес, како и во други држави, за да се постигнат подобри економски ефекти и зголемено учество на извозот и инвестициите во БДП на земјата.

Предлог-измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите откако ќе помине на седница на Владата, ќе биде проследен до Собранието на РСМ, каде се очекува да биде донесен до крајот на месец март, за да може предложените измени да бидат ставени во функција на стопанството, а истиот, компаниите до тој период ќе имаат можност да го разгледаат и да го коментираат. 

На крајот од денот, факт е дека ниту едно законско решение не е идеално. Секогаш има простор, дури и со мали модификации да се подготви друго предлог-решение кое би било поприфатливо за едната или за другата страна. Но она што треба да се акцентира е дека успехот од мерките и задоволството на бизнисот е единствено можно само ако се носат мерки од страна на државата во чие креирање активно е вклучена и бизнис-заедницата. 

Билјана Пеева-Ѓуриќ
в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија

ЗГОЛЕМЕНА ИНВЕСТИЦИСКА АКТИВНОСТ СО ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА