ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Од компаниите
05.03.2019 👁 Прочитано: 809

„КАМ“ ДОО И „ДАУТИ КОМЕРЦ“ ДОБИТНИЦИ НА СПЕЦИЈАЛНОТО ПРИЗНАНИЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО СТРАНСТВО ШТО ЌЕ ПОТТИКНАТ ИЗВОЗНИ АКТИВНОСТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ


Оваа година Стопанската комора на Македонија, на огромна чест и задоволство, специјалното признание за инвестиции во странство што ќе ги поттикнат извозните активности на македонските производи, го додели на две компании коишто со својот долгогодишен успех и посветеност на работата уште еднаш докажаа дека успешно придонесуваат за растот на македонската економија.

KAM DOOELЕдна од компаниите - добитнички на специјалното признание е „КАМ“ ДОО- Скопје. „КАМ“ ДОО е основан во Скопје во 1999 година, како трговско претпријатие кое започна со само еден маркет во Градскиот трговски центар. „КАМ Маркет“ е првиот синџир маркети од типот хард-дисконти коишто постојат на македонскиот пазар. Денес, во Македонија  работат 71 „КАМ“ маркети со 900 вработени.

„КАМ“ ги следи принципите на хард-дисконт - највисок квалитет по најниски можни цени. Овој концепт и` обезбеди на компанијата успешен и брз развој во изминатите 20 години во мрежата продавници во Македонија. Зад успехот стои внимателно избран асортиман. Фокусот е ставен на сопствените марки и на докажаните трговски марки.

„КАМ“ постојано вложува во растот и развојот на своето работење. Минатата година инвестираше околу 15.000.000 евра, а за оваа година се планирани инвестиции од околу 20.000.000 евра.

„КАМ“ маркетите  се препознатливи не само во земјата, туку и во регионот. Во Бугарија, компанијата има 13 маркети, со 105 вработени. Во Косово има 11 маркети, со 88 вработени. „КАМ“ ДОО - Скопје со своето работење дава особен придонес во промоција на македонските брендови во странство. Во Бугарија и во Косово компанијата пласира околу 100 македонски производи - конзервиран зеленчук, слатко и мармалади,  алкохолни пијалаци, сокови, разни крекери, кечап, мајонез, брашно, супи и зачини, колачи, замрзнато овошје, замрзнати теста, текстил и др. Досегашните вложувања во  Бугарија изнесуваат 2.500.000 евра, во Косово 1.500.000 евра и дополнителни 2.000.000 евра за истражување на пазарите и сл., односно вкупно 6.000.000 евра.

DAUTI KOMERC DOOELДругата компанија којашто го доби истото признание е „ДАУТИ КОМЕРЦ“ АД – Скопје. „ДАУТИ КОМЕРЦ“ АД е приватна компанија, која е основана во 1990 година како акционерско друштво, каде како акционери се јавуваат браќата Џемаил, Хамим и Феми Даути.

Согласно растот во обем и во квалитет на работењето, сопствениците ја сознаваат можноста дека соработката со странските партнери и увозот на поголем број брендови, но и на домашни производи, отвора можност да се развие продажбата во соседството.

Најдобар показател и причинител за одлуките за инвестиции во странство била проценката дека има простор, но и побарувачка за поголем дел од асортиманот кој се произведува во Македонија.

Имено, после поголем број посети и проценка на пазарите во соседните држави (најмногу во Албанија, Косово и Црна Гора), како на тимот од продажба, така и сопствениците на компанијата, осознаваат дека има голем капацитет и можности во наведените држави да се пласира дел од увозната програма, но и од асортиманот на домашните производители, за кои „Даути Комерц“ се јавува како овластен дистрибутер.

Со таа цел  и  совладувајќи ги сите актуелни економски и политички предизвици, во 2000 година компанијата започнува со работа преку свое претставништво во Косово. Успешното работење го докажува со изградба и отворање на сопствен дистрибутивен центар во 2012 година, со проценета вредност од околу 5.500.000 евра, каде што активно работат 130 вработени.

Во 2001 година компанијата го отвора претставништвото во Црна Гора, а во мај 2018 година отвора сопствен дистрибутивен центар и управна зграда со проценета инвестиција од околу 3.500.000 евра.

Претставништвото во Албанија е во зародиш. Со цел подобро сознавање на економската структура на пазарот и успешно воведување на сопствените принципи на работење, компанијата своето претставништво во Драч, Албанија, го започна со инвестициски влог од околу 500.000 евра. Поради новините кои пазарот во Албанија постојано ги налага, растот и зголемувањето на инвестициите се планирани, но постепени и контролирани, со цел постигнување квалитетно работење.

Компанијата преку своите претставништва пласира македонски производи, кои потоа преку сопствената дистрибутивна мрежа се пласираат до крајниот купувач. Со тоа, компанијата дава особен придонес во промоција на македонските брендови во странство. 

м-р Сања Николова

„КАМ“ ДОО И „ДАУТИ КОМЕРЦ“ ДОБИТНИЦИ НА СПЕЦИЈАЛНОТО ПРИЗНАНИЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО СТРАНСТВО ШТО ЌЕ ПОТТИКНАТ ИЗВОЗНИ АКТИВНОСТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ
„КАМ“ ДОО И „ДАУТИ КОМЕРЦ“ ДОБИТНИЦИ НА СПЕЦИЈАЛНОТО ПРИЗНАНИЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА ЗА ИНВЕСТИЦИИ ВО СТРАНСТВО ШТО ЌЕ ПОТТИКНАТ ИЗВОЗНИ АКТИВНОСТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ