1033 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Ставови
15.02.2019 👁 Прочитано: 478

СООДВЕТНИТЕ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА СЕ ПРЕДУСЛОВ ЗА ГРАДЕЖНА ЕКСПАНЗИЈА


Андреа СерафимовскиАндреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата
на градежни материјали и неметалите

За разлика од изминатите години кога градежништвото го даваше импулсот за растот на домашната економија, 2018 година беше најтешка година за градежните компании ако се земат предвид последните петнаесетина години. Ниската реализација на капиталните инвестиции од 65,59%, застојот во реализацијата на големите капитални проекти, мораториумот на градби и несоодветната законска регулатива се само дел од проблемите со кои се соочи градежниот сектор во изминатиот период.

Учеството на градежништвото во БДП забележа пад во првите три квартали на 2018 година. Падот на градежништвото во БДП по постојани цени беше најизразен во првиот квартал од 2018 година наспроти првиот квартал од 2017 година (19,3 %). Негативниот тренд, но со помал интензитет продолжи и во вториот (2%) и третиот квартал (2,6%), при што кумулативно за првите три квартали во 2018 година наспроти истиот период во 2017 година, падот на градежништвото во БДП достигна 8 %.

Застојот во реализацијата на големите инфраструктурни проекти во нискоградбата кои повлекуваат сериозен ангажман на голем дел од градежните компании на почетокот на годината предизвика негативни реперкусии во градежништвото, но и врз целокупната економска активност на државата. Искуствата ни покажаа дека наместо парцијално дејствување, неопходни ни се долгорочно одржливи решенија, соодветно планирани инфраструктурни проекти и сериозна посветеност на реализацијата на капиталните инвестиции. Во моментот, најголем дел од проблемите во капиталните проекти се надминати и има најави за доделување голем број договори за јавни набавки, што влева оптимизам дека со почетокот на градежната сезона работите ќе се придвижат во позитивна насока и ќе има пораст на вредноста на договорените и извршените градежни работи во инфраструктурата.

Високоградбата, сė уште се соочува со застој во спроведувањето на урбанистичките планови и мораториум на изградбата во неколку општини. Здружението на почетокот ги поддржа активностите кои општините ги преземаа за подобрување на состојбите во урбанизмот и планското работење, меѓутоа мораториумот трае предолго - речиси година и половина, а неизвесно е дали ќе биде повторно продолжен. Во следниот период градежните компании очекуваат дека процесот ќе се одвива потранспарентно, со позабрзано темпо и во заедничка комуникација со општините, како и дека компаниите што поскоро ќе добијат конкретни податоци за спроведените активности и извршената ревизија на плановите. Наведеното e со цел процесот да ја оствари првичната интенција – да обезбеди квалитет на градбите, но паралелно и континуиран развој и можност компаниите навремено да ги планираат своите активности, а не да претрпат штети и загуби од мораториумот. 

Предуслов за подем на градежништвото најнапред е постоењето на соодветна и применлива законска регулатива. Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање се суштински прописи во секторот и тие треба да креираат поволно деловно опкружување кое ќе овозможи непречено работење на градежните компании. Честото изменување и дополнување на овие закони проследено со политичкиот амбиент во земјата, во изминатите години дополнително доведе до правна несигурност кај компаниите и намалена инвестициска активност. Двата прописa, кои се клучни во моментов, се во процес на подготовка. Забелешките на Здружението во однос на Предлог-законот за просторно и урбанистичко планирање во поголем дел беа прифатени од Министерството за транспорт и врски и се надеваме дека овој инклузивен процес ќе продолжи и во однос на Законот за градење кој сė уште е во фаза на подготовка и го очекуваме со нетрпение. Очекуваме дека со донесувањето на двата закона во следниот период, во консултација со бизнис заедницата ќе се постават темелите за враќање на улогата на градежниот сектор како двигател на економскиот раст и реализирање на најавената градежна експанзија.

СООДВЕТНИТЕ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА СЕ ПРЕДУСЛОВ ЗА ГРАДЕЖНА ЕКСПАНЗИЈА