ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Неделен коментар
14.02.2019 👁 Прочитано: 452

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР


М-р Зоран Јовановски
М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Секој кој е сопственик или води бизнис, без разлика дали е тоа мала семејна фирма или голем бизнис со илјадници вработени, сака да работи во амбиент што е стабилен и предвидлив. Само во такви услови може успешно да се планираат активностите, да се прават финансиски планови и буџетот на фирмата за наредниот период. Компаниите ги привршуваат своите буџети за наредната година во последниот квартал од годината, но подготовките ги започнуваат порано. Оние што се дел од некоја поголема странска бизнис групација и треба својот буџет да го вградат во буџетот на компанијата „мајка“, тоа го започнуваат уште на половина од тековната година.

При правењето на финансиските планови еден од клучните елементи е големината на разните давачки што ќе треба да се исплатат во наредната година, како што се даноците, платите, придонесите за социјално осигурување, итн. Оттаму, секое зголемување кај овие категории во последен момент, откако компанијата веќе го направила и усвоила својот финансиски план за наредната година, произведува сериозни последици врз работењето и потреба од приспособување во од, коешто не е едноставно. 

Последиците не паѓаат само на грбот на работодавачите. Последиците можат да паднат и на грбот на вработените, ако во нивните договори за вработување платите се договорени во бруто износ па зголемувањето на давачките кон државата значи и пониска нето плата за вработените доколку фирмата одлучи да не компензира.

Како, на систематизиран начин, да се избегнат негативните последици од промени во даночната регулатива во последен момент кои предизвикуваат сериозни импликации за идното работење на бизнис секторот? Решението е воведување на даночен календар.

Стопанската комора на Македонија ќе иницира разговори со надлежните институции околу промптно воведување на даночен календар во соодветната регулатива. Даночниот календар прецизно би ја дефинирал временската рамка во која дизајнерите на економските политики би можеле да прават измени на даночниот систем. На пример,  какви и да било измени во сферата на даночните давачки би морале да бидат донесени најдоцна до 30 јуни во тековната календарска година. Ваквите измени би почнале да важат од 1 јануари во наредната календарска година, би биле во важност цела година и не би можеле да се менуваат во текот на годината. И, така за секоја година.

На овој начин, на 30 јуни од тековната година бизнис секторот би ги знаел промените што следат, би ја имал втората половина од тековната година за подготовка на своите буџети за наредната година и би знаел дека нема ништо да се менува во текот на наредната година. Со тоа, бизнис секторот би бил заштитен од непредвидени промени во даночната сфера во последен момент, би можел навремено да ги планира и успешно да ги реализира активностите за наредната година. Даночниот календар ќе придонесе за стабилен и предвидлив економски амбиент.

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР