ХОЛДИНГ

   

👁 Прочитано: 1029


ХОЛДИНГ
Биографија
д-р Елена Милевска Штрбевска
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања
Елена Милевска Штрбевска

м-р Елена Милевска Штрбевска

Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања

Една од клучните иницијативи, кои Стопанската комора на Македонија ја покрена пред неколку години, а ќе продолжи да ја актуелизира и во наредниот период пред носителите на државната власт е иницијативата за воведувањето на холдингот во македонското законодавство, како форма на поврзување на компаниите за подобри деловни резултати.

Неодамнешната одлука на Владата на Република Македонија да пристапи кон измени на Законот за трговски друштва и да ја вклучи Комората во работната група за измените на Законот, токму во делот што се однесува на можноста за воведување на холдингот, ценам дека претставува своевидна потврда на оправданите барања на бизнис заедницата за законско нормирање на ова значајно прашање.

Несомнено е дека во современи услови, растот и унапредувањето на работењето на деловните субјекти го поставува како нужност поврзувањето на трговските друштва и уредувањето на посебен режим на функционирање, кој ќе биде приспособен на специфичностите на нивното работење.

Холдингот како форма на поврзување на компаниите за постигнување подобри деловни резултати, е организациски облик кој постои и успешно функционира во голем број земји во рамките на Европската унија и пошироко. Во европските законодавства, во кои е нормирано работењето на холдингот, уредени се повеќе даночни повластувања, вклучувајќи и ослободување од данок на дивиденди и капитална добивка, многу често и без притоа да се бара минимален временски период на сопственост на акциите или услови за минимален удел поради оданочување.

Токму затоа, холдинот не е ниту форма зад која се кријат некои матни зделки, ниту пак помодарство, туку напротив, потреба на современите бизнисмени кои имаат желба да ги направат уште поуспешни и потранспарентни своите бизниси, да овозможат повеќе вработувања во своите поврзани субјекти, повеќе инвестиции, развој, иновации и проширување на дејностите, а за сметка на тоа да добијат и определени даночни олеснувања кои ќе го поттикнат нивното натамошно успешно дејствување.

Што бара бизнисот?

Стопанската комора на Македонија предлага функционирањето на холдинг-компаниите, терминолошки да се усогласи во законската регулатива која го уредува поврзувањето на трговските друштва во Законот за трговски друштва, каде што и сега се уредени поединости за функционирањето на холдинг-компаниите (односно поврзаните друштва согласно постојниот закон), поврзани со контрола и надзор над нивното работење, известување, управување, поднесување финансиски извештаи и водењето  деловни книги.

Законското нормирање на холдингот во Законот за трговски друштва е првиот чекор, по кој ќе следува и вториот, преточен во предлози за подобрување на даночниот третман на холдингот,  што верувам дека ќе придонесат за унапредување на работењето на деловните субјекти во земјата, што ќе обезбеди натамошен економски раст.