ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
13.02.2019 👁 Прочитано: 874

НЕДОСТИГ ОД СТРУЧЕН КАДАР И ТЕКОВНИ ПРОБЛЕМИ ВО НЕКОЛКУ КЛУЧНИ СЕКТОРИ, КОНСТАТИРААТ ЧЛЕНКИТЕ НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО СТРУМИЦА


Членките на Регионалната комора со седиште во Струмица при Стопанската комора на Македонија одржаа седница на која се разговараше за приоритетните прашања и предизвиците на бизнис секторот во регионот во текот на 2019 година. Еден од клучните проблеми со кои се соочува регионот, а што на состанокот беше истакнато како можеби и најсериозно прашање за кое е потребно итно решение, е недостиг на стручен и технички кадар за потребите на компаниите. Присутните на состанокот разговара и за тековни проблеми со кои секој во својата дејност се соочува во работењето. Беше истакнато дека Регионалната комора во Струмица треба да ги интензивира активностите со цел компаниите да бидат поттикнати да дискутираат за актуелните прашања кои се од интерес за бизнисот и да се нудат предлог решенија за подобрување на деловниот амбиент.

Значењето на југоисточниот регион во вкупната домашна економија е од големо значење имајќи го предвид фактот дека учествува со околу 10% во Бруто домашниот производ на земјата. Со тој параметар е на трето место по скопскиот и вардарскиот регион, по економско значење. Регионот има перспективи за развој во секторите, земјоделство и сточарство, прехранбена индустрија, градежништво, изработка на мебел и туризам. 

Инаку, на состанокот на регионалната комора со седиште во Струмица,  пред присутните претставници од компаниите членки беше презентиран моделот на Факторингот како алтернативен извор на финансирање. За таа цел претставници на Фактор труст, Македонска банка за поддршка на развојот и Капитал Банката ги презентираа бенефитите од користење на Факторингот како можност за обезбедување средства за компаниите, бенефитите во покривање на комерцијални и политички ризици на извозот, осигурување на продажба реализирана од подружници и други поволности што ги нуди овој алтернативен финансиски извор. 

 

На седницата беше усвоена предлог-одлуката за разрешување на претседателот на Регионалната комора кој од објективни причини се повлече од функцијата а членките на состанокот го избраа Миле Цеков сопственик на фирмата Евромак од Струмица за нов претседател. Мандатот на новиот претседател ќе трае до јуни 2020 година кога и треба да се избере новото раководство на регионалната комора која во 2015 година избра покрај претседателот и 6 заменик претседатели кои остануваат на позициите се до истекот на мандатот.  

Даниела Михајловска Василевска