ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
06.02.2019 👁 Прочитано: 138

Иницијатива за воведување иновација за одржливо, конкурентно и енергетски ефикасно градење со аплицирање на алатката за информациско моделирање на градби – БИМ - во рамките на Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење – ТРАИНЕЕ“


Како поддршка на градежниот сектор, а во насока на креирање  дополнителни капацитети на вработените за имплементирање на параметрите за енергетска ефикасност во градби, на 5 и 6 февруари 2019 година во Центарот за трансфер на технологии и иновации - ИННО ФЕИТ, се одржа дводневна работилница за промоција на БИМ (алатка за информациско моделирање на градби) во рамките на Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење – ТРАИНЕЕ“ (http://trainee-mk.eu/mk), кој е дел од европската програма „Хоризонт 2020“.

TRAINEE

Дводневната работилница за промоција на БИМ-алатката за информациско моделирање на градби е иницијатива со цел да се воведе иновација за одржливо, конкурентно и енергетски ефикасно градење, за да се постигнат и да се прикажат енергетските заштеди кои се резултат од примената на мерки за енергетска ефикасност во процесот на градење.

Настанот го отвори Јадранка Аризанковска, координатор на Проектот „ТРАИНЕЕ“, од Стопанската комора на Македонија, која ги поздрави присутните и даде информации за процесот и напредокот во спроведувањето на активностите на Проектот „ТРАИНЕЕ“. Активностите во рамките на Проектот се планирани во повеќе области со цел подигање на конкурентноста на македонските компании од градежниот сектор. 

- Така, еден сегмент на дејствување за подигање на конкурентноста на македонските компании од градежниот сектор е натамошно подобрување на вештините на градежните работници за градење енергетски ефикасни објекти преку обука и преквалификации, со цел да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност, - истакна Аризанковска.

Ристо Иванов, претседател на Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, ги претстави алатките за зголемување на видливоста на Проектот „ТРАИНЕЕ“ и видливоста на активностите преку претставување на стратегијата на Проектот за да се видат и да се усогласат очекувањата и целите на Проектот.

Игор Панчевски, експерт за енергетска ефикасност од Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, направи презентација на резултатите од спроведениот Анкетен прашалник за БИМ-алатката, во кој само 7,7% од вкупно анкетираните 312 лица веќе користат БИМ-алатка за свои цели во Македонија, а останатите анкетирани лица се само информирани дека постои ваков вид на БИМ-алатка.

Проф. д-р Христина Спасовска, претседател на Инженерската институција на Македонија и координатор на Проектот од Факултетот за електротехника и информациски технологии, го презентираше Центарот за менаџирање на знаења и вештини и неговата улога во постигнувањето на општите цели, што ќе треба да создаде услови за континуиран процес за обука на работниците, техничарите и инженерите.

TRAINEE

- Исто така, со помош на домашни и странски експерти ќе се развијат обуки за БИМ-протоколите (Building Information Modeling), што секако претставува новина кај нас, - посочи проф. д-р Спасовска.

На првиот ден на работилницата (5.02.2019 година) присутни беа над 60-тина учесници, архитекти, инженери и техничари, а вториот ден (6.02.2019 година) присутни беа околу 40-тина претставници на градежни компании, инвеститори, институции и универзитети кои преку предавањата и презентациите од страна на БИМ-експертите од Шпанија, Словенија и од Словачка се запознаа со процесот на БИМ-алатката и придобивките од нејзиното користење при проектирање, изведба и одржување на објекти.

Игнаси Перез Арнал, БИМ-експерт од БИМ Академијата од Шпанија, партнер во Проектот, ги презентираше своите гледишта во однос на спроведувањето на активностите поврзани со воведувањето на информациското моделирање на градби на национално ниво. Тој ја започна дискусијата за значењето и потребата за спроведување на БИМ-алатката, нивото за спроведување на ниво на ЕУ, како и аспектите на вклучувањето на БИМ во секоја организација согласно конкретните барања, цели и ресурси преку студија на случај за паметно градење во областа Каталонија во Шпанија.
 
Проф. д-р Томаш Фунтик, потпретседател на Здружението БИМ од Словачка, професор на Факултетот за градежништво на Словачкиот универзитет за технологија, ги истакна придобивките и предизвиците за користење на БИМ-алтката, а воедно изнесе податоци за увидот во износот на инвестицијата на БИМ (во време и пари) на индивидуално и на ниво на компанија за да може лицето да стане БИМ-професионалец и за фирмата да може да испорачува БИМ-проекти.

TRAINEE

 

Проф. д-р Томо Церосек, заменик-директор на Одделот за градежништво на Универзитетот во Љубљана, Словенија, во својата презентација ги истакна начините за поттикнување на имплементацијата на БИМ-алатката, од страната на понудата и побарувачката на пазарот.

На крајот, учесниците имаа прилика од прва рака да слушнат и да ги разобличат митовите кои кружат за БИМ-процесот и за софтверите кои се користат при моделирањето.

Република Македонија се приклучува кон иновации во градежниот сектор и прашањето е дали ќе успееме да искористиме дел од ова и да го подобриме процесот во земјата.
 
Градежниот сектор е специфичен по тоа што голем дел од работниците  немаат формално образование или немаат официјални документи за вештините што ги поседуваат. Тоа ги прави компаниите неконкурентни во бизнисот, а работната сила неконкурентна на пазарот на трудот. Она што за нас ќе биде предизвик е токму да се спроведе препознавање на вештините што ги имаат работниците, техничарите и инженерите преку нивно сертифицирање, како и да се одржат акредитирани обуки што ќе бидат направени во согласност со потребите на инвеститорите, градежните компании и професионалните организации.  

Со цел  да се постигне мултидисциплинарен пристап кај одржливото градење,  ќе биде иницирана примената на алатки за информациско моделирање на градби (BIM-building information modeling) на национално ниво. Примената на БИМ-алатката, што е едно од барањата на новите правила за јавни набавки на Европската комисија, во доменот на градежништвото, се спроведува со иницирање широка акција за подигање на свеста кај сите засегнати страни од градежниот сектор (градежните компании, инженерите, архитектите, работниците), но и инвеститорите и одговорните владини институции, како и крајните корисници на објектите, преку низа активности, работилници, семинари и други промотивни настани. Целта е преку примената на БИМ-алатките да се постигнат и да се прикажат енергетските заштеди кои се резултат од примената на мерки за енергетска ефикасност во процесот на градење.

Извештаите од спроведената анализа предвидуваат дека поширокото усвојување на БИМ ќе овозможи заштеда од 15-25% на пазарот на глобална инфраструктура до 2025 година. Владите и компаниите низ Европа при секоја јавна набавка поврзана со градежништвото, веќе ја препознаваат вредноста на БИМ како стратешка предност за постигнување на целите во однос на трошоците, квалитетот и политиките на градење. Многу од нив преземаат проактивни чекори да ја поттикнат употребата на БИМ во својот градежен сектор за да се осигурат дека ќе ги добијат овие економски параметри.

TRAINEE

Проектот „ТРАИНЕЕ“ е дел од повикот за енергетска ефикасност 2014-2016, Програма „Хоризонт 2020“  и се спроведува од Стопанската комора на Македонија како координатор во партнерство со: Здружението за бизнис и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Јавната установа Центар за образование на возрасните - Скопје (ЦОВ), Инженерската институција на Македонија (ИИМ) и WITS INSTITUTE SL (BIM Academy) Академијата БИМ од Шпанија.

м-р Ирена Мојсовска

Иницијатива за воведување иновација за одржливо, конкурентно и енергетски ефикасно градење со аплицирање на алатката за информациско моделирање на градби – БИМ - во рамките на Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење – ТРАИНЕЕ“
Иницијатива за воведување иновација за одржливо, конкурентно и енергетски ефикасно градење со аплицирање на алатката за информациско моделирање на градби – БИМ - во рамките на Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење – ТРАИНЕЕ“