ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
05.02.2019 👁 Прочитано: 234

АМБАСАДОРОТ НА ЧЕШКАТА РЕПУБЛИКА ВО ПОСЕТА НА БИТОЛА


На 4.02.2019 година, во работна посета на Регионалната комора со седиште во Битола беше амбасадорот на Чешката Република во Република Македонија, Н.Е. Мирослав Томан.

Во својство на домаќин, претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, го поздрави почитуваниот гостин и се заблагодари на интересот  и можноста за презентација на стопанството од битолскиот регион. Пред високата дипломатска делегација се претставија и неколку компании кои се заинтересирани за остварување соработка со партнери од Чешката Република.

Регионална Битола 

Претседателот Велковски и амбасадорот Томан заеднички констатираа дека е потребно зголемување на соработката од областа на економијата, а во таа насока неговата екселенција беше информиран за можностите што ги нуди битолскиот регион за вложување во економските капацитети.

Од своја страна пак, амбасадорот истакна дека Чешката Република е подготвена да помогне во реализација на проекти со институции кои не се под ингеренции на Владата, како и во реализација на проекти за искористување на фондовите од Европската унија, во примена на современи технологии за производство, заштита на животната средина, инфраструктурни проекти и сл.

Во контекст на оваа посета, амбасадорот Томан оствари средба и во Општина Битола, за интензивирање на досегашната активна соработка на полето на културата помеѓу двете земји, особено на градот Битола, преку двата меѓународни фестивала – ИФФК „Браќа Манаки“ и Малиот битолски Монмартр. Чешката Република преку своите уметници е присутна на двата фестивала, а минатата година, токму младите ликовни творци од Основното уметничко училиште „Плзен“ од истоимениот град во Чешка, беа добитници на Гран при наградата на 37-мото издание на Малиот битолски Монмартр.

Амбасадорот Томан ги запозна присутните и за активностите кои се одвиваат во однос на претстојниот Бизнис форум, кој ќе се одржи на 2 и 3 април годинава во Скопје. На форумот ќе бидат претставени 25 компании од Чешката Република, а Томан упати покана за присуство на сите на овој форум, на кој ќе можат одблиску да се информираат за соработката со чешките компании.

м-р Никола Димковски

АМБАСАДОРОТ НА ЧЕШКАТА РЕПУБЛИКА ВО ПОСЕТА НА БИТОЛА