ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
04.02.2019 👁 Прочитано: 400

ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР ЌЕ ЈА ЗГОЛЕМИ ЕФИКАСНОСТА И КОНКУРЕНТНОСТА НА ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ НА ДОМАШНИОТ И МЕЃУНАРОДНИОТ ПАЗАР – ПРЕЗЕНТИРАНИ АКТИВНОСТИТЕ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ „BIMCERT“


Придобивките од дигитализацијата и примената на современи технолошки програми и софтверски решенија во градежниот сектор, во насока на рационално користење на ресурсите во градежништвото, подобрување на енергетската ефикасност преку употреба на БИМ (Building Information Modelling), надградба на вештините и подобрување на квалификациите на вработените во секторот, воведување подобри процеси, материјали, производи и извори на енергија беа предмет на дискусија на денешниот настан во рамките на Проектот „BIMcert“ финансиран од Европската програма „Хоризонт 2020“.

BIMCertНа настанот посветен на Проектот „BIMcert“ кој е имплементиран од страна на проектниот конзорциум составен од реномирани високообразовни и истражувачки центри, меѓу кои и Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ, во присуство на владини претставници, претставници од бизнис секторот, научната и стручната јавност, свое обраќање имаше и претседателот на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски.

-Градежниот сектор во последните години доживува значителен подем. Зголемувањето и развојот на светската популација води кон паралелен развој на урбанизмот и градежништвото, како резултат на потребата за подобрување на квалитетот на живеењето на луѓето преку изградба на станбени, деловни објекти и индустриски објекти, како и изградба на сообраќајна инфраструктура за меѓусебно поврзување, побрз транспорт и олеснување на трговската размена. Меѓутоа, без оглед на подемот кој го доживува, градежништвото е еден од најмалку дигитализираните сектори, во кој има голем потенцијал за рационализација на процесите и зголемување на ефикасноста во работењето, - истакна Серафимовски во своето обраќање.

Тој посочи дека за постепено воведување на дигиталната трансформација на градежниот сектор потребно е вклучување на сите чинители во процесот: институциите и државата чија улога треба да биде во насока на обезбедување поволно деловно опкружување и соодветна правна рамка која ќе овозможи воведување и имплементација на современите технолошки решенија, како и подготовка и јакнење на административните капацитети, образовните институции кои треба да дејствуваат во насока на приспособување на образовните програми и предметите на потребите на бизнис заедницата, со цел подготовка на стручен и квалификуван кадар кој ќе може веднаш да се приклучи на работниот процес и градежните компании кои треба да бидат подготвени да инвестираат во имплементација на нови програми и технологија, но и во обуки за усовршување на лицата кои ќе ги применуваат.

Обраќање на настанот имаа и д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, претставници на членовите на проектниот конзорциум, Агенцијата за енергетика при Министерството за економија, партнери и соработници на Проектот.

м-р Нена Николовска

ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР ЌЕ ЈА ЗГОЛЕМИ ЕФИКАСНОСТА И КОНКУРЕНТНОСТА НА ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ НА ДОМАШНИОТ И МЕЃУНАРОДНИОТ ПАЗАР – ПРЕЗЕНТИРАНИ АКТИВНОСТИТЕ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ „BIMCERT“