1032 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
04.02.2019 👁 Прочитано: 157

ДА СЕ РЕГУЛИРА СТАТУСОТ НА БАЊИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА - БАРАЊЕ ОД ГРУПАЦИЈАТА НА БАЊИ


Групацијата на бањите при Стопанската комора на Македонија, иницира регулирање на статусот на бањите како природни лекувалишта. Сите овие, сега веќе приватни правни субјекти кои се основани пред 1991 година, согласно измените на стариот Закон за здравствената заштита во 2004 година, се избришани како термин од Законот, односно не се веќе дел од субјектите кои функционираат  како здравствена организација што врши здравствена дејност и дава здравствена услуга. Сепак, согласно важечките  договори со Министерството за здравство од 1995 година, тие продолжија  со работа се` до носење на новиот Закон за здравствената заштита до 2012 година. Но и со новиот Закон за здравствената заштита од 2012 година, природните лекувалишта не беа дефинирани како здравствени организации, што не е практика во другите земји од регионот и пошироко, кои денес имаат развиени природни лекувалишта и освен за примарната дејност за која се основани, имаат значаен удел и во развој на бањскиот туризам како спа и велнес центри, кои работат со водни ресурси со природен фактор богати со минерали за кои плаќаат и концесија, информираше на прес-конференција Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Daniela Mihajlovska

Бањите, информира Михајловска Василевска, сепак продолжија со работа и склучуваа договори со ФЗОМ по препорака на Министерството за здравство, се` до 31.12.2018 година, кога истекоа последните договори склучени со Фондот на 5 години. Имено, законската неусогласеност е основен проблем поради кој од 1 јануари 2019 година бањите не склучија нови договори со Фондот за здравствено осигурување на Македонија за продолжено болничко лекување и за специјалистичка консултативна здравствена заштита на 5 години, како што тоа беше до 2018 година, туку Фондот им ги продолжи договорите со анекси и тоа со важност од 6 месеци, до 30 јуни 2019 година, со цел во меѓувреме Министерството за здравство на РМ да најде законско решение за статусот на природните лекувалишта.

Претставниците на бањите укажуваат дека во нивното работење доминираат приходите од здравствените услуги и оттука, од особен интерес е да се надмине овој проблем, пред се` за осигурениците и пациентите кои ги користат нивните услуги, бидејќи постои опасност да се блокира процесот на користење на продолженото болничко лекување и специјалистичко консултативна здравствена заштита, што претставува нужен третман за пациентите кои имаат потреба од тоа.

За информација, во бањите годишно се нудат над 35.000 болнички денови како продолжено болничко лекување, имајќи предвид дека во просек користат по 15 болнички донови, тоа се над 2500 осигуреници. Специјалистичко консултативна здравствена заштита во бањите користат над 14.000 осигуреници годишно.

Иницијативата за регулирање на статусот на бањите во рамките на Законот за здравствената заштита е покрената и согласно искуството што е присутно во земјите од регионот, односно начинот на кој е регулиран статусот на природните лекувалишта во Република Србија, Република Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, а за што се користени податоци од актуелните закони за здравствена заштита од наведените земји, кои имаат сличен закон со стариот Закон за здравствената заштита, а дополнително е уредено дека истите здравствени организации можат да вршат и услуги од областа на туризмот во согласност со закон.

Имајќи ја предвид фактичката состојба и рокот од сега веќе 5 месеци во кој треба да се најде решение за статусот, а со цел да продолжат да работат како здравствени организации, претставниците на 4-те бањи донесоа заклучок да се покрене иницијатива за регулирање на статусот на природните лекувалишта во рамките на важечкиот Закон за здравствената заштита, со предлог да се дефинира нивниот статус како природно лекувалиште и да се дефинираат нивните активности, посочи Даниела Михајловска Василевска од Комората. 

Истовремено, членките на Групацијата на бањи при Стопанската комора на Македонија укажуваат дека е неопходно да се иницира измена и дополнување на Националната класификација на дејности бидејќи во истата не е предвидена соодветна дејност што природните лекувалишта како центри ја извршуваат.

Со оглед на наведеното, членките на Групацијата на бањите при Стопанската комора на Македонија донесоа заклучок да се одржи и средба со министерот за здравство на Република Македонија, доц. д-р Венко Филипче, за подетално елаборирање на Иницијативата, со цел размена на мислења во насока на постигнување решение.

Даниела Михајловска Василевска

ДА СЕ РЕГУЛИРА СТАТУСОТ НА БАЊИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА - БАРАЊЕ ОД ГРУПАЦИЈАТА НА БАЊИ
ДА СЕ РЕГУЛИРА СТАТУСОТ НА БАЊИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА - БАРАЊЕ ОД ГРУПАЦИЈАТА НА БАЊИ