ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
03.12.2018 👁 Прочитано: 716

Мој став: ЦЕФТА Е МРТВА, ДА ЖИВЕЕ ЦЕФТА!


Branko AzeskiБранко Азески, заменик претседател на Коморскиот Инвестициски Форум

Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) за голем дел од последните држави кои и` се приклучија на Европската унија служеше како предворје пред приклучувањето на Унијата, односно како своевидна генерална проба за единствениот пазар. Првобитниот ЦЕФТА-Договор е потпишан од земјите од Вишеградската група, односно Полска, Унгарија и Чехословачка, на 21 декември 1992 година во Краков, Полска, а истиот стапил на сила во јули 1994 година. За овие земји ЦЕФТА значеше златен билет за забрзан влез на единствениот пазар на ЕУ – овие земји не само што бележеа рапиден раст на меѓусебната размена во годините кои претходеа на пристапувањето на ЕУ, туку и создадоа цврста заедничка основа тој раст забрзано да продолжи и откако станаа членки на Унијата.

CEFTA

Регионот на Западен Балкан, за жал, не може да се пофали со идентичен скор. Иако за земјите од Западен Балкан се применува речиси 12 години, бројките покажуваат дека економските ефекти од овој договор се, во најмала мера, скромни, па дури и разочарувачки. Вкупниот обем на размена со земјите од ЦЕФТА-регионот учествувал со нашата вкупна размена со 20,5% во 2008 година, а во 2017 година се свел на само 10,56%, односно од вкупна размена во вредност  од 2,18 милијарди САД долари во 2008 година, во 2017 година вкупната размена со земјите од ЦЕФТА-регионот е сведена на 1,41 милијарди САД долари. При тоа, македонскиот извоз кон ЦЕФТА-земјите во 2008 година бил 1,41 милијарди САД долари (или скоро 35,5% од вкупниот извоз), додека во 2017 година кон земјите од ЦЕФТА-регионот бил реализиран извоз во вредност од само 671 милиони САД долари (односно вкупно 11,84% од вкупниот извоз).

Кога на ова ќе се придодаде околноста дека речиси секоја година откога членки на Договорот се земјите од Западен Балкан, решаваме „кризна ситуација“ каде некоја земја решава да воведе вонредни трговски мерки, од само за неа јасни и оправдани причини, станува јасно зошто треба да го покренеме прашањето за неговото преиспитување. Двата косовски примера во изминатите неколку месеци се само дел од таа неславна практика на државите членки на ЦЕФТА прекуграничните политички прашања да се обидуваат да ги решаваат со економски мерки – пред тоа, такви примери имаа и Србија и Босна и Херцеговина, па дури и Македонија. Но, во таквите ситуации никој не добива – а загубата е заедничка за економијата на сите земји од Западен Балкан. Без инструменти и механизми да се осигурува неговата доследна примена во секој момент, сé додека треба да се применува во вакво општествено-политичко милје како што е регионот на Западен Балкан, ЦЕФТА-Договорот е мртов.

П.С. ЦЕФТА е најдобрата потврда дека државите од Западен Балкан сé уште не се подготвени за влез во ЕУ. Тоа ќе е позитивен сигнал уште еднаш да се обидеме да ги надминеме балканските недозреаности и со помош на ЦЕФТА ДА НАПРАВИМЕ ЧЕКОР НАПРЕД.
 

 CEFTA

Мој став: ЦЕФТА Е МРТВА, ДА ЖИВЕЕ ЦЕФТА!