ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
29.10.2018 👁 Прочитано: 809

КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ (КИФ) – КЛУЧНА АЛАТКА НА БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС И РЕГИОНАЛНОТО ПОВРЗУВАЊЕ


Branko AzeskiБранко Азески, заменик-претседател на Коморскиот инвестициски форум

kiflogoКонференцијата за економија „Балканот и ЕУ - петгодишен циклус на Берлинскиот процес“, која се одржа минатата недела, а која по осми пат ја организираше Стопанската комора на Црна Гора, беше одлична прилика да продискутираме за регионалните предизвици, зајакнувањето на економската соработка во регионот на Западен Балкан и клучните прашања кон кои треба да се насочи работењето на Коморскиот инвестициски форум. А бројките покажуваат дека сé уште имаме многу предизвици пред нас - просечно, камионите губат 26 милиони часови годишно во чекање на границите, а тоа чекање нé чини загуби  од 1% од БДП, и намалување на вредноста на извозот од 1%, односно 7% кога станува збор за земјоделски производи. Процесот на ратификација на Протоколот 5 на ЦЕФТА-Договорот, кој треба да донесе поедноставување на царинските контроли и намалување на формалностите се одвива бавно (иако Македонија беше меѓу првите држави кои го ратификуваа, процесот се движи полека, за жал, поради причини кои не секогаш се примарно поврзани со економијата).

Главниот заклучок од Конференцијата е дека регионалните предизвици бараат регионални одговори. За таа цел, во текот на следните неколку месеци во Стопанската комора на Македонија ќе организираме неколку трибини, кои во својот фокус ќе го имаат регионалниот аспект – на 16.11.2018 година гостин во Комората ќе биде амбасадорот на Република Финска во Република Србија, задолжен за Република Македонија и Република Црна Гора, Н.Е. Перти Иконен, кој пред македонските стопанственици ќе ги пренесе искуствата во однос на финскиот образовен систем, но и функционирањето на правосудството и државната администрација. Во текот на месец декември, на 13.12.2018 година, гостин во Комората ќе биде Александар Влаховиќ, кој на почетокот на претходната деценија беше министер за економија и приватизација во Владата на Ѓинѓиќ, а сега е претседател на Сојузот на економисти на Србија, кој го организира Бизнис форумот на Копаоник, кој е познат и како Балканскиот Давос. На почетокот на следната година, на 17.01.2019 година, гостин во Комората ќе ни биде Кристијан Вершуц (Christian Wehrschütz), новинар на австрискиот национален радиодифузер ОРФ и одличен познавач на состојбите на Балканот, кој помеѓу другото и одлично говори македонски јазик.

П.С. Една од клучните поенти во обраќањето на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на Конференцијата беше дека на Европската унија ѝ се потребни тие што силно веруваат во неа. Обемот на размена со ЕУ, но и јавното мислење во овие региони неспорно покажува дека ретко кој толку многу верува во ЕУ како граѓаните од земјите од Западен Балкан – и затоа, неспорно е дека на ЕУ и` е потребен Западен  Балкан.

КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ (КИФ) – КЛУЧНА АЛАТКА НА БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС И РЕГИОНАЛНОТО ПОВРЗУВАЊЕ