УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНОТО ОСИГУРУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 140 ОД 29.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 29 мај 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНОТО ОСИГУРУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравственото осигурување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 92/20), во член 1 во ставот 2¹ по зборот „основ“ се става запирка и се додаваат зборовите „за осигурениците кои учествуваат со лични средства при користење на здравствените услуги, за осигурениците кои го остваруваат правото на лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот, како и за користење на здравствени услуги во здравствени установи на државјаните на соседните земји“.

Член 2

Во членот 2² по зборот „основ“ запирката се брише и се додаваат зборовите „и државјаните на соседните земји со кои Република Северна Македонија нема склучено или преземено Договор за социјално осигурување, а се затекнати на територијата на Република Северна Македонија“.

Член 3

По членот 2 се додаваат три нови члена 2-а, 2-б и 2-в кои гласат:
„Член 2-а
Осигурениците и лицата од членот 2 од оваа уредба со законска сила се ослободуваат од учеството со лични средства при користење на здравствени услуги во здравствените установи поврзани со дијагностицирање и лекување од Коронавирусот COVID-19.
Член 2-б
Фондот ги собира и обработува личните податоци од документите за лична идентификација (лична карта или пасош) при остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување, согласно со целите утврдени со оваа уредба со законска сила и во согласност со прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци.
Член 2-в
Правото на лекови според листата на лекови осигуреното лице може да го оствари и без приложување на рецепт издаден од избраниот лекар.
Препишувањето на лековите од ставот 1 на овој член избраниот лекар ќе го врши преку веб-сервисот на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.“

Член 4

Одредбите од оваа уредба со законска сила ќе се применуваат за време на траење на вонредната состојба и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 31.12.2020 година.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4745/1                                      Заменик на претседателот
29 мај 2020 година                             на Владата на Република
Скопје                                                    Северна Македонија,
                                               м-р Радмила Шекеринска-Јанковска, с.р.

¹Член 1, став 2 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравственото осигурување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 92/20), кој се дополнува, гласи:
„За осигурениците на кои им се ускратени правата од задолжителното здравствено осигурување поради нередовно уплатуван придонес или уплатата на придонесот задоцнила повеќе од 60 дена, односно имаат долг за неплатен придонес како и на државјаните на Република Северна Македонија кои не се задолжително здравствено осигурани по ниту еден основ за време на траење на вонредна состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.“

²Член 2, кој се дополнува, гласи:
„Осигурениците на кои им се ускратени правата од задолжителното здравствено осигурување поради нередовно уплатуван придонес или уплатата на придонесот задоцнила повеќе од 60 дена, односно имаат долг за неплатен придонес како и државјаните на Република Северна Македонија кои не се задолжително здравствено осигурани по ниту еден основ, можат во здравствените установи да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од Коронавирусот COVID-19 на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.“


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје