УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ВАУЧЕРИ ЗА ТУРИЗАМ НА ВРАБОТЕНИ ЛИЦА СО НИЗОК ДОХОД ЗАРАДИ ПОТТИКНУВАЊЕ НА ДОМАШНИОТ ТУРИЗАМ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 141 ОД 30.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“, бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 30 мај 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ВАУЧЕРИ ЗА ТУРИЗАМ НА ВРАБОТЕНИ ЛИЦА СО НИЗОК ДОХОД ЗАРАДИ ПОТТИКНУВАЊЕ НА ДОМАШНИОТ ТУРИЗАМ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

(1) Со оваа уредба со законска сила, се уредуваат условите, начинот и постапката на издавање и користење на ваучери за поттикнување на домашниот туризам во услови на намалена економска активност заради здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19, финансирани од Буџетот на Република Северна Македонија преку Програмата на Министерството за економија П1-Мерки за справување со COVID-19 кризата.
(2) Ваучер за туризам се издава на вработени лица со низок доход заради плаќање на искористена туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти за сместување, преку даватели на туристички услуги, регистрирани вршители на туристичка дејност.

Член 2

(1) „Вработени лица со низок доход“ се државјани на Република Северна Македонија кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „корисници на ваучери за туризам“).
(2) „Вршители на туристичка дејност“ се резидентни трговски друштва, трговци поединци регистрирани во соодветен регистар за вршење на туристичка дејност и угостителска дејност за сместување и/или сместување и исхрана, и физички лица регистрирани во регистарот за сместување и/или сместување и исхрана што го води градоначалникот на општината, а во градот Скопје во регистарот што го води градоначалникот на општината во Градот Скопје на подрачјето на таа општина во Градот Скопје, туристички агенции и туристички бироа (во натамошниот текст: „даватели на туристички услуги“).
(3) „Угостителските објекти за сместување“ се:
1) хотели, мотели, пансиони, резиденции, хотелски населби, апартмански населби и туристички населби и
2) ноќевалишта, гостилници, кампови, приватни сместувачки капацитети (соби, апартмани, станови, куќи), одморалишта (за деца, младинци, работници, лица со попреченост и слично), други комплементарни објекти (феријални домови, планинарски и ловни домови и куќи и објекти за привремено сместување).
(4) „Ваучер за туризам“ е вредносен ваучер со номинална вредност од 6.000 денари издаден од Министерството за економија, кој се користи за добивање на туристички и угостителски услуги за сместување или сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти од ставот (3) на овој член преку даватели на туристички услуги. Ваучерот за туризам гласи на име и презиме на корисникот на ваучерот и содржи единствен QR код, пин код, ваучер код и рок на важење на ваучерот, како и други корисни информации и инструкции за употреба.
(5) „Искористен ваучер за туризам” е ваучер кој давателот на туристички услуги го евидентирал како употребен преку интернет-платформата www.domasiedoma.gov.mk или www.pushimenevend.gov.mk

Член 3

(1) Листа на корисници на ваучери за туризам од членот 2 став (1) на оваа уредба со законска сила изготвува Управата за јавни приходи и ја доставува до Генералниот Секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, во рок од еден ден од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила.
(2) Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија Листата од ставот (1) на овој член ја доставува до Министерство за економија во рок од еден ден од рокот во ставот (1) на овој член со следните податоци: име и презиме, ЕМБГ, адреса на живеење и емаил адреса. Листата може да содржи и податоци за телефонски број за контакт, општина, регистарски број на лична карта, надлежен орган кој ја издал и датум на важење на личната карта.
(3) Податоците од Листата на корисници на ваучери за туризам се доставува и презема во криптирана форма согласно со прописите за заштита на личните податоци. Собирањето, обработката и чувањето на личните податоци содржани во Листата на корисници на ваучери за туризам согласно со оваа уредба со законска сила се врши согласно со прописите за заштита на личните податоци.

Член 4

(1) Министерството за економија во рок од пет дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, ваучерот за туризам од членот 2 став (4) од уредбата им го испраќа на лицата корисници на ваучери за туризам од членот 2 став (1) од уредбата преку емаил адресата од членот 3 став (2) на уредбата. Лице корисник, може да го преземе и испечати ваучерот за туризам и преку интернет платформата www.kupuvamdomashno.gov.mk со внес на својот ЕМБГ.
(2) Лицата корисници, ваучерот за туризам ќе може да го искористат за добивање на туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти од членот 2 став (3) од оваа уредба со законска сила од 15.07.2020 до 15.12.2020 година кај давателите на туристички услуги објавени на интернет платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk.
(3) Ваучерот за туризам се користи за еднократен престој кај давател на туристички и угостителски услуги, без можност за прекинување и делење на престојот и користење на повеќе услуги со различна цена.
(4) Ваучерот за туризам може да се искористи само од лицето корисник на ваучер за туризам на чие име и презиме гласи издадениот ваучер.
(5) Доколку вредноста на туристичката или угостителска услуга која се плаќа со ваучерот за туризам е помала од 6.000 денари ќе се смета дека ваучерот е целосно искористен. Ако вредноста на туристичката или угостителска услуга која се плаќа со ваучерот за туризам е поголема од 6.000 денари, разликата над овој износ ја доплатува корисникот на ваучерот за туризам.

Член 5

(1) Министерството за економија врши исплата на давателите на туристички услуги од членот 2 став (2) на оваа уредба со законска сила врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам евидентирани од давателите на туристички услуги.
(2) Исплатата од ставот (1) на овој член се врши почнувајќи од 5-ти во тековниот месец за претходниот месец, освен исплатата за искористените ваучери за туризам во период од 1.12.2020 до 15.12.2020 година која ќе се изврши најдоцна до 25.12.2020 година.
(3) За искористените ваучери за туризам, на давателот на туристички услуги ќе му биде исплатена вредноста утврдена како производ на бројот на искористените ваучери за туризам и износот од 6.000 денари
(4) Давателот на туристички услуги има право на исплата само на ваучери за туризам кои биле евидентирани на интернет платформата www.domasiedoma.gov.mk или www.pushimenevend.gov.mk.

Член 6

(1) Давателите на туристички услуги до Министерството за економија поднесуваат барање за стекнување со статус на давател на туристички услуги за корисниците на ваучери за туризам согласно со оваа уредба со законска сила.
(2) Давател на туристички и угостителски услуги, барањето од ставот (1) на овој член може да го поднесе најдоцна до 30-ти јуни 2020 година со следната содржина: назив на давателот на туристички услуги, име и презиме на застапникот по закон, односно име и презиме на физичките лица регистрирани за сместување, адреса на давателот на туристички услуги и адреса на угостителските објекти за сместување, општина, телефонски број, емаил адреса, број на соби, ЕДБ, ЕМБС, трансакциска сметка на давателот на туристички услуги на која ќе се исплаќа вредноста на искористените ваучери за туризам и прилог тековна состојба од Централниот регистар, решение за категоризација, односно решение за упис во соодветен регистар.
(3) Комплетноста на барањето за стекнување на статус на давател на туристичкиа и угостителски услуги го проверува и одобрувањето го издава Министерството за економија во рок од пет дена од денот на приемот на барањето.
(4) Со поднесување на барањето од ставот (1) од овој член, истовремено давателот на туристички услуги прифаќа формуларен (типски) договор поставен на интернет страната на Министерството за економија кој содржи изјава во е-форма дека давателот туристички и угостителски услуги е запознаен и ги прифаќа условите од објавениот договор.
(5) Министерството за економија во рок од петнаесет дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила активира интернет платформа за даватели на туристички услуги и категоризираните угостителски објекти за сместување и/или сместување и исхрана од членот 2 став (3) на оваа уредба со законска сила преку која ќе го поднесат барањето за давање на туристички и угостителски услуги на корисниците на ваучери за туризам.
(6) По одобрување на барањето од ставот (3) на овој член, давателите на туристички услуги ќе бидат објавени на интернет платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk и ќе бидат известени за одобрувањето на барањето и објавата на интернет платформата со прилог на единствен ПИН код, сметка со корисничко име и лозинка за влез на платформата.
(7) Преку интернет платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk, давателот на туристички услуги го евидентира ваучерот за туризам како искористен со внесување на ознаките на ваучерот од членот 2 став (4) и валидирање со ПИН кодот од ставот (6) на овој член или со скенирање на QR кодот на ваучерот од член 2 став (4) на оваа уредба со законска сила со користење на мобилна апликација.

Член 7

(1) Глоба во износ од 100 до 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на правно лице (микро трговец), од 300 до 1.000 евра во денарска противвредност на правно лице (мал трговец), од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност на правно лице (среден трговец) и од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност на правно лице (голем трговец) ако постапува спротивно на одредбите од членот 4 став (3) и (4) и ако поднесе неточен или лажен извештај од членот 5 став (1) на оваа уредба со законска сила.
(2) Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на трговец поединец, физичко лице кое врши стопанска дејност и физичко лице регистрирани во регистарот за сместување ако постапува спротивно на одредбите од членот 4 став (3) и (4) и ако поднесе неточен или лажен извештај од членот 5 став (1) на оваа уредба со законска сила.
(3) Глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорно лице во правно лице (микро трговец), од 100 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (мал трговец), од 150 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (среден трговец) и од 200 до 500 евра во денарска противвредност на одговорно лице во правно лице (голем трговец) за сторениот прекршок од ставот (1) на овој член.
(4) Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице, трговец поединец, физичко лице кое врши стопанска дејност, физичко лице регистрирани во регистарот за сместување и одговорно лице во правното лице се врши согласно Законот за прекршоците.

Член 8

Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите на оваа уредба со законска сила врши Државниот пазарен инспекторат согласно надлежностите утврдени со закон.

Член 9

Министерството за економија, заклучно со 31.3.2021 година до Владата на Република Северна Македонија ќе достави извештај со финансиски показатели за реализација на оваа уредба со законска сила.

Член 10

Злоупотребата и фалсификувањето на ваучерот за туризам подлежи на казна согласно со Кривичниот законик.

Член 11

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4752/1                                      Претседател на Владата
30 мај 2020 година                  на  Република Северна Македонија,
Скопје                                                  Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје