УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 126 ОД 15.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 14 мај 2020 година донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за минерални суровини за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 103/20 и 111/20) по членот 2 се додава нов член 2а кој гласи:
„Член 2а
Владата еднострано ќе го раскине договорот за концесија за експлоатација на неметалични минерални суровини во случај кога со вршењето на експлоатацијата на неметаличната минерална суровина е нарушен јавниот интерес, безбедноста и здравјето на локалното население.
Во случај на едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација од ставот 1 на овој член, концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на неметалична минерална суровина на друг локалитет во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на одлуката за едностран раскин на договорот.
Во случај кога е поднесено барање за доделување на концесија за експлоатација од ставот 2 на овој член, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини во рок од 30 дена по службена должност бара мислење од органите на државната управа надлежни за вршење на работите од областа на заштитата на животната средина и просторното планирање, заштитата на културното наследство, транспортот и врските, земјоделството, шумарството, водите, како и од други органи на државната управа надлежни за вршење на работите од соодветната област и од единицата односно единиците на локалната самоуправа на чија територија е поднесено барање за доделување на концесија.
Постапката за доделување на концесијата за експлоатација од ставот 3 на овој член ќе се спроведе согласно член 42 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19)“.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3987/1                                         Претседател на Владата
14 мај 2020 година                     на Република Северна Македонија,
Скопје                                                    Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје