УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА НОСЕЊЕ ЛИЧНА ЗАШТИТА НА ЛИЦЕТО ЗАРАДИ СПРЕЧУВАЊЕ НА ШИРЕЊЕТО, СУЗБИВАЊЕ НА ЗАРАЗНАТА БОЛЕСТ ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19 И ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 118 ОД 7.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 5 мај 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА НОСЕЊЕ ЛИЧНА ЗАШТИТА НА ЛИЦЕТО ЗАРАДИ СПРЕЧУВАЊЕ НА ШИРЕЊЕТО, СУЗБИВАЊЕ НА ЗАРАЗНАТА БОЛЕСТ ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19 И ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од Коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 107/20), по членот 5 се додава нов член 5-а, кој гласи:
„Член 5-а
 Кога домашно или странско физичко лице, постапува спротивно на одредбите од член 2 став 1 од оваа уредба со законска сила, се издава прекршочен платен налог, согласно закон.“

Член 2

По членот 6 се додава нов член 6-а, кој гласи:
„Член 6-а
 За прекршоците од членот 6 став 1 од оваа уредба со законска сила, кога сторител на прекршокот е домашно физичко лице, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Комисијата за одлучување по прекршоците во Министерството за внатрешни работи.
 За прекршоците од членот 6 став 1¹ од оваа уредба со законска сила, кога сторител на прекршокот е странско физичко лице, како и за прекршоците од членот 6 ставовите 2 и 3² од оваа уредба со законска сила, кога сторител на прекршокот е домашно или странско правно лице, односно одговорно лице во правното лице, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежниот суд.“

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3703/1                                                   Претседател на Владата
5 мaj 2020 година                                на Република Северна Македонија,
Скопје                                                               Оливер Спасовски, с.р.

Член 6, став 1 и 2 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од Коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 107/20), гласат:
¹Глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 2¹ од оваа уредба со законска сила.
²Глоба во износ од 2000 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско правно лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3² од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое одговорно лице во правното лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3² од оваа уредба со законска сила.
¹Член 2
Секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
Под лична заштита на лицето од ставот 1 на овој член, се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).
По исклучок од ставот 1 на овој член, секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија, може да не ја носи личната заштита на лицето, ако:
- носи посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи,
- престојува во двор на станбена семејна куќа,
- вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности,
- патува во патничко моторно возило со лица со кои што лицето живее во заедница или домаќинство или
- се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице.
²Член 3
Сите домашни и странски правни лица на територијата на Република Северна Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја обавуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштита на лицето од страна на сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема од член 2 од оваа уредба со законска сила.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје