ОДЛУКА ЗА НАЧИНОТ НА УПЛАТА НА СРЕДСТВА НА СМЕТКАТА ЗА ДОНАЦИЈА НА ФОНДОТ ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID - 19 („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 116 ОД 05.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 6 од Уредбата со законска сила за формирање на Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID - 19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 106/20), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 5 мај 2020 година донесе

О Д Л У К А
ЗА НАЧИНОТ НА УПЛАТА НА СРЕДСТВА НА СМЕТКАТА ЗА ДОНАЦИЈА НА ФОНДОТ ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID - 19

Член 1

Со оваа одлука се уредува начинот на уплата на средства на сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана  од Коронавирусот COVID – 19. 

Член 2

Правните или физичките лица (даватели на донација) вршат уплата на парични средства на сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID – 19, која е објавена на веб-страницата на Владата на Република Северна Македонија.
 Доколку давателите на донација од ставот 1 на овој член сакаат да остварат даночно поттикнување за донација во финансиски средства согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности за време на вонредна состојба („Службен весник на Репулика Северна Македонија“ бр. 103/20) и Законот за донации и спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“, број 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15), задолжително склучуваат договор за донација со Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија (како примател на донацијата).
 Секоја уплата на парични средства од страна на правни лица во сопственост на државата кои не се: буџетски корисници, единици на локалната самоуправа и Град Скопје и јавни претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, се врши согласно одлуката донесена од страна на органот на управување на правното лице (како давател на донација), врз основа на која се врши уплата на парични средства на сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана  од Коронавирусот COVID – 19. 

Член 3

Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр. 44-3662/1        Претседател на Владата
    5 мај 2020 година      на Република Северна Македонија,     Скопје       Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје