УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРОСТОРНО И УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 116 ОД 05.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна  Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“  бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 5 мај 2020 година, донесе
 
У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРОСТОРНО И УРБАНИСТИЧКО  ПЛАНИРАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА  СОСТОЈБА
 
Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за просторно и урбанистичко планирање за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/20) во член 1 во ставот 2 по зборовите „вонредната состојба,“ се додаваат зборовите “за рокот за спроведување на јавна презентација на урбанистички план, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација како и за поставување на ред и дисциплина при влез, во внатрешноста и при излез од објектите и просториите на општините односно општините во градот Скопје, каде се одржува јавната презентација и јавната анкета за урбанистички план, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација, за време на траењето на вонредната состојба“. 

Член 2

По членот 2 се додаваат два нови члена 2-а и 2-б кои гласат:

„Член 2-а
 Рокот за спроведување на јавна презентација на урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација, за време на траењето на вонредната состојба, може да трае и подолго од еден работен ден, но не подолго од рокот кој е утврден за спроведување на јавната анкета за урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација.“
 
Член 2-б
 Општините односно општините во градот Скопје надлежни за спроведување на јавната презентација и јавната анкета за урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација се должни да обезбедат редарска служба при влезот и излезот во просториите во кои се одржува јавната презентација и јавната анкета за урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбедат спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и задолжително носење на заштитна маска, марама или шал со кој ќе бидат покриени устата и носот на учесниците во јавната презентација и јавната анкета.
 Општините односно општините во градот Скопје надлежни за спроведување на јавната презентација и јавната анкета за урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учесниците во јавната презентација и јавната анкета.
 Ознаките од став 2 на овој член се поставуваат на растојание од најмалку два метри, како и пред влезот на објектот.
 Општините односно општините во градот Скопје се должни пред и после одржувањето на јавната презентација и јавната анкета да вршат превентивна дезинфекција во објектите и просториите каде се одржува јавната презентација и јавната анкета.
 Општините односно општините во градот Скопје се должни и при спроведување на јавна презентација и јавна анкета на урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација, во нивните објекти и простории, од страна на органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, да постапуваат согласно ставовите 1, 2, 3 и 4 на овој член. 

Член 3

Државен комунален инспекторат ќе врши надзор и контрола над спроведување на одредбите од членот 2-б на оваа уредба со законска сила. 

Член 4

Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на градоначалникот на општината односно општината во градот Скопје, ако постапува спротивно на одредбите од член 2-б на оваа уредба со законска сила. 

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр. 44-3704/1                                            Претседател на Владата
5 мај 2020 година                         на Република Северна Македонија,
Скопје                                                        Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје