УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ИСПЛАТА НА ПРИДОНЕСИ ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНО СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 116 ОД 05.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна  Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“  бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19),  Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 5 мај 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ИСПЛАТА НА ПРИДОНЕСИ  ОД ЗАДОЛЖИТЕЛНО СОЦИЈАЛНО ОСИГУРУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА  СОСТОЈБА

Член 1

 Во Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 92/20), во член 2 во точката 1)¹ зборовите „од приватниот сектор” се бришат.  

Член 2

 Во член 4 во ставот (1)² зборовите „за месец јануари” се заменуваат со зборовите „во месец јануари”.
 
 Ставот (2)³ се менува и гласи:
 „(2) За користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување од став (1) на овој член, работодавачот треба да ги исполни следните услови:
 а) намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво намалени за одделни еднократни приходи кои непроизлегуваат од редовното работење остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;
 б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува  финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување за времетраење на субвенционирање на исплaта на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила и два месеци по нејзиното престанување (заклучно со месец август 2020 година), во однос на бројот на вработени во месец април 2020 година, да не е намален, освен заради:
 1. пензионирање и смрт на работник;
 2. откажување на договорот за вработување од страна на работникот;
 3. откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски;
 4. спогодбено преземање на работник;
 5. престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и
 6. престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.“
 в) вкупниот број на вработени кај работодавачот корисник на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, согласно точката б) на овој став, да не  е намален заклучно со месец август 2020 година, за повеќе од:
 - 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел субвенција;
 - 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел субвенција и 
 - 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел субвенција  и
 г) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност на работодавачот со шифра 102 во Месечната пресметка за интегрирана наплата  (МПИН образец) на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот на исплатата на платата за месец јуни 2020 година.”

Член 3

Во член 5 ставот (1)⁴ се менува и гласи:
„(1) Субвенционирање на износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила, не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на плати во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и  мај   2020 година согласно Уредбата  со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено – економската  криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19,  заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, освен работодавачите кои ги вршат дејностите наведени согласно со Националната класификација на дејности - НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт, шифра 51 – воздухопловен транспорт и шифра 52 – складирање и помошни дејности во превозот) кој за 2018 и 2019 година немаат искажано загуба после оданочување и немаат неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листата на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 објавена на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29.2.2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно податоците за задолженост од соодветен  регистар/биро“.

Член 4

Прилогот се заменува со нов Прилог, кој е составен дел на оваа уредба со законска сила.   

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3708/1                                             Претседател на Владата
5 мај 2020 година                              на Република Северна Македонија,
Скопје                                                         Оливер Спасовски, с.р.

Одредби од Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 92/20), кои се менуваат:

¹Член 2, точка 1):
Одделни изрази употребени во оваа уредба со законска сила го имаат следново значење:
1) „Работодавач“ е секој правен субјект од приватниот сектор кој вработува работници врз основа на договор за вработување и физичко лице вршител на самостојна дејност кој вработува работници врз основa на договор за вработување, како и работодавач корисник согласно Законот за приватни агенции за вработување;
²Член 4, став (1):
(1) На работодавач, за секој осигуреник, за месеците април, мај и јуни 2020 година, му се субвенционира износ за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување во висина од 50% од пресметаните придонеси од задолжително социјално осигурување од страна на обврзникот, но најмногу до 50% од придонесите од задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за месец јануари 2020 година.
³Член 4, став (2):
(2) За користење на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување од став (1) на овој член, работодавачот треба да ги исполни следните услови:
а) намалувањето на вкупните приходи во месец април 2020 година, во месец мај 2020 или во месец јуни 2020 година, да изнесува повеќе од 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени во 2019 година, а за работодавач кој е запишан во соодветен регистар (основан) по месец март 2019 година, вкупните приходи за месец април 2020 година, месец мај 2020 и месец јуни 2020 година да се помали за најмалку 30% во однос на просечните вкупни приходи на месечно ниво остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните приходи за последниот сезонски период од четири месеци споредено со просечните приходи за сезонскиот период од истите четири месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%;
б) бројот на вработени кај работодавачот кој побарува финансиска поддршка, земајќи ги во предвид и вработените преку приватна агенција за вработување, да не е намален за месец април, мај и јуни 2020 година во однос на бројот на вработени со состојба на 31 март 2020 година, освен во случај на пензионирање или смрт и
в) да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот на поднесување на годишна сметка/финансиски извештаи за 2020 година.
⁴Член 5, став (1):
(1) Субвенционирање на износот за исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно оваа уредба со законска сила, не може да се оствари доколку работодавачот користи финансиска поддршка заради исплата на нето плата во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник за месеците април и мај 2020 година согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје