УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ПОГОДЕНИ ОД ЗДРАВСТВЕНОЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19, ЗАРАДИ ИСПЛАТА НА ПЛАТИТЕ ЗА МЕСЕЦИТЕ АПРИЛ И МАЈ 2020 ГОДИНА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 113 ОД 01.05.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 1 мај 2020 година донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ПОГОДЕНИ ОД ЗДРАВСТВЕНО-ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19, ЗАРАДИ ИСПЛАТА НА ПЛАТИТЕ ЗА МЕСЕЦИТЕ АПРИЛ И МАЈ 2020 ГОДИНА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено - економската криза предизвикана од Kоронавирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2020), во член 3, во ставот (5), во точката б)*, зборовите „нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда“, се заменуваат со зборовите „нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност на работодавачот со шифра 102 во МПИН образецот“.

Член 2

Во член 4, во ставот (1), во точката б)**, зборот „јавен“ се брише.

Член 3

Во членот 6, ставот (2)*** се менува и гласи:
„(2) За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба со законска сила и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година) бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, во однос на бројот на вработени во месец април 2020 година, не смее да се намалува, освен заради:
- пензионирање и смрт на работник,
- откажување на договорот за вработување од страна на работникот,
- откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,
- спогодбено преземање на работник,
- престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и
- престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.“

Ставот (3)**** се менува и гласи
„(3) Согласно ставот (2) на овој член, вкупниот број на вработени кај работодавачот - корисник на финансиска поддршка не смее да се намали заклучно со месец јули 2020 година за повеќе од:
- 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка,
- 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и
- 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.
По ставот (3), се додава нов став (4) кој гласи
„(4) Ако намалениот број на вработени пресметан на начинот од став (3) на овој член е нецел број, бројот се заокружува на првиот поголем цел број. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи за времето од ставот (2) на овој член ги вклучува вработените на неопределено време, определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.“

Член 4

Во член 7, во ставот (5), во алинејата 3, зборот „јавен“ се брише.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3617/1                                                Претседател на Владата
1 мај 2020 година                                на Република Северна Македонија,        Скопје                                                             Оливер Спасовски, с.р.

Одредби од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено - економската криза предизвикана од Kоронавирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2020), кои се менуваат:
*Член 3, став (5), точка б): работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година
** Член 4, став (1), точката б): б) користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, освен работодавач коj врши дејност наведена согласно со Националната класификација на дејности - НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56 - дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79 - туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 - објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 - копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 - воден транспорт, шифра 51 - воздухопловен транспорт и 52 - складирање и помошни дејности во превозот) кој за 2018 и 2019 година нема искажано загуба после оданочување и нема неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листа на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен јавен регистар/биро.
***Член 6, (2): За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба со законска сила и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година) бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, со исклучок на пензионираните и починати работници, во однос на бројот на вработени во месец март 2020 година, не смее да се намали за повеќе од:
- 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка,
- 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и
- 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.
****Член 6, став (3): Ако намалениот број на вработени пресметан на начинот од ставот (2) на овој член е нецел број, бројот се заокружува на првиот поголем цел број. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје