УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА БАНКИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 107 ОД 22.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна  Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“  бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 22 април 2020 година, донесе 

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА БАНКИТЕ
ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА  СОСТОЈБА
 
Член 1

Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/07, 90/09, 67/10, 26/13, 15/15, 153/15, 190/16 и 7/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19) ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За поставување на ред и дисциплина при влез во и излез од внатрешноста на деловните единици или простории на банките и штедилниците во кои се примаат клиенти заради вршење и нудење финансиски услуги (во натамошниот текст: банките и штедилниците) ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила. 

Член 2

Банките и штедилниците се должни да обезбедат редарска служба при влезот во и при излезот од објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и да не дозволи влез во објектот на лица кои не носат заштитна маска, марама или шал со кој ќе бидат покриени устата и носот. Банките и штедилниците се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците на услугата пред и внатре во објектот.
Ознаките од став 2 на овој член се поставуваат на растојание од најмалку два метра и тоа: пред секој шалтер на кој корисниците на услугата пристапуваат за вршење финансиски услуги, како и во дијаметар од 10 метри пред влезот на објектот.
Банките се должни најмалку еднаш неделно, а штедилниците најмалку еднаш месечно да вршат превентивна дезинфекција во објектите во кои се вршат финансиски услуги. 

Член 3

Банките и штедилниците се должни на вработените лица кои работат во објектите или имаат контакт со клиенти да им обезбедат заштитна опрема (ракавици и маски) кои се должни да ги носат во текот на целото работно време. 

Член 4

Во банките и штедилниците во исто време, заедно со вработените, не смее да има:
- повеќе од 5 лица во просторија до 50 квадратни метри;
- повеќе од 10 лица во просторија од 50 до 100 квадратни метри;
- повеќе од 15 лица во просторија од 100 до 200 квадратни метри и
- повеќе од 20 лица во просторија над 200 квадратни метри.
Во банките и штедилниците во кои бројот на вработени го достигнува лимитот од став 1 на овој член, максималниот број на присутни клиенти во исто време не може да биде повеќе од две лица. 

Член 5

Министерството за економија - Државен пазарен инспекторат ќе врши инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите на оваа уредба со законска сила. 

Член 6

Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на банката или штедилницата ако постапува спротивно на одредбите од членовите 2, 3 и 4 на оваа уредба со законска сила. 

Член 7

Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба како и 200 дена од престанокот на траењето на вонредната состојба. 

Член 8

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр. 44-3308/1 Претседател на Владата
22 април 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје