УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНА САМОИЗОЛАЦИЈА ПРИ ТЕСТИРАЊЕ ЗА ПРИСУСТВО НА КОРОНАВИРУС COVID-19 ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 107 ОД 22.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 22 април 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНА САМОИЗОЛАЦИЈА ПРИ ТЕСТИРАЊЕ ЗА ПРИСУСТВО НА КОРОНАВИРУС COVID-19 ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредува спроведување на задолжителна самоизолација при тестирање за Коронавирус COVID-19, како и надзорот над спроведувањето на самоизолацијата за време на траењето на вонредната состојба.

Член 2

Сите домашни и странски физички лица, симптоматски и асимптоматски, на кои им е извршено тестирање за присуство на Коронавирус COVID-19 во нивниот организам, се ставаат во задолжителна самоизолација и тоа од моментот на земањето на материјалот за тестирање (брис од уста, брис од грло, брис од нос, крв и слично), сé до добивањето на негативен резултат.

Член 3

Доколку земањето на материјал за тестирање е извршено вон домот, односно местото на потенцијална самоизолација на физичкото лице кое се тестира, лицето има обврска без одлагање во најкус можен рок и на најбрз начин, да се упати во самоизолација при што треба да ги намали, односно сведе на минимум попатните контакти со други лица, се до пристигнување на местото на самоизолација.

Член 4

Самоизолацијата трае до добивање на негативен резултат од тестирањето.
Самоизолацијата се спроведува во домот на лицето или во стан или куќа каде што истото може целосно да биде изолирано од лицата со кои живее (викенд куќа, стан во кој што не живее и слично).
За времетраење на самоизолацијата, лицето во самоизолација не смее воопшто да излегува, треба да ги сведе на апсолутен минимум контактите со лицата со кои што живее (ако не може целосно да се одвои) и треба да ги почитува препораките на Министерството за здравство во врска со самоизолација.

Член 5

Самоизолацијата може да премине во домашна изолација врз основа на Решение за здравствен надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно законите и протоколите за намалување на внесот, ширењето и справувањето со Коронавирусот COVID-19.

Член 6

Надзор над спроведувањето на одредбите од оваа уредба со законска сила врши Министерството за внатрешни работи и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, секој во однос на одредбите од оваа уредба со законска сила, за прашањата за кои тие се надлежни согласно закон.

Член 7

Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 2 од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 4 став 3 од оваа уредба со законска сила.

Член 8

Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и до завршување на Пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација.

Член 9

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3322/1                                               Претседател на Владата
22 април 2020 година                        на Република Северна Македонија,
Скопје                                                            Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје