УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ИГРИТЕ НА СРЕЌА И ЗА ЗАБАВНИТЕ ИГРИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 108 ОД 24.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 24 април 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ИГРИТЕ НА СРЕЌА И ЗА ЗАБАВНИТЕ ИГРИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

(1) Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“, бр. 24/11, 51/11, 148/11, 74/12, 171/12, 27/14, 139/14, 61/15, 154/15, 23/16 и 178/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
(2) На приредувањето на интернет игрите на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

(1) Право да приредуваат интернет игри на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб, имаат приредувачите на игри на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб кои имаат лиценца за приредување на игри на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб добиена согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
(2) Приредувачите на интернет игрите на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб (во натамошниот текст: приредувачи на интернет игри на среќа), имаат право интернет игрите на среќа да ги приредуваат преку веб апликација (веб страна / веб платформа) или мобилна апликација на приредувачот на интернет игри на среќа. Веб апликацијата или мобилната апликација на приредувачот на интернет игрите на среќа во обложувалница претставува уплатно-исплатно место, односно деловна просторија на казино и автомат клубот.
(3) Приредувачите на интернет игрите на среќа мора да имаат информатичка опрема на територијата на Република Северна Македонија, односно хардвер и софтвер преку кои играчите учествуваат во интернет игрите на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб и за размена на податоци со серверот на Управата за јавни прихoди.
(4) Приредувачите на интернет игрите на среќа се должни приредувањето на интернет игрите на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб преку веб апликација (веб страна / веб платформа) или мобилна апликација на приредувачот на интернет игри на среќа да го вршат користејќи го постојниот надзорен информациски систем (НИС) кој е поврзан со информацискиот систем на Управата за јавни приходи.

Член 3

(1) Приредувачите на игри на среќа од членот 2 на оваа уредба со законска сила имаат право да ги приредуваат игрите на среќа кои ги имаат уредено со Правилата за игри на среќа одобрени од страна на Министерството за финансии, согласно издадената лиценца.
(2) Приредувач на интернет игри на среќа - казино и автомат клуб плаќа посебна давачка од 23% на разликата меѓу уплатениот износ преку веб или мобилната апликација на приредувачот на интернет игри на среќа и исплатениот износ, на месечна основа. Посебната давачка се плаќа до 15-ти во месецот, за претходниот месец.
(3) Приредувач на интернет игри на среќа - обложувалница, плаќа посебна давачка од 4% на вкупно уплатениот износ во форма на влог преку веб или мобилната апликација на приредувачот на интернет игри на среќа, на месечна основа. Посебната давачка се плаќа до 15-ти во месецот, за претходниот месец.
(4) Уплатен износ преку веб или мобилна апликација на приредувачот на интернет игрите на среќа - казино и автомат клуб од ставот (2) на овој член претставува збир на сите поединечни трансакции - влогови извршени од евиденциските сметки на сите регистрирани учесници во интернет игрите на среќа на сметката на приредувачот на интернет игри на среќа - казино и автомат клуб, а исплатен износ од ставот (2) на овој член претставува збир на сите поединечни трансакции - исплати кои се вршат од сметката на приредувачот на игрите на среќа - казино и автомат клуб на евиденциските сметки на сите регистрирани учесници во игрите на среќа и задржаниот данок на доход на овие исплати.
(5) Вкупно уплатен износ во форма на влог преку веб или мобилна апликација на приредувачот на интернет игрите на среќа - обложувалница од ставот (3) на овој член претставува збир на сите поединечни трансакции - влогови извршени од евиденциските сметки на сите регистрирани учесници во интернет игрите на среќа на сметката на приредувачот на интернет игри на среќа - обложувалница.
(6) Заради обезбедување на исплатата на добивките на учесниците во интернет игрите на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб, за намирување на посебната давачка, како и даноците и другите јавни давачки, како и другите обврски, Министерството за финансии наплатува средства од депонираните депозити и/или гаранциите на приредувачите од членот 2 став (1) на оваа уредба со законска сила, обезбедени по основ на лиценците за приредување на игри на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб.

Член 4

(1) Пред да започне со приредување на интернет игрите на среќа, приредувачот објавува правила за приредување на интернет игрите на среќа преку веб апликација (веб страна / веб платформа) или мобилна апликација одобрени од страна на Министерството за финансии.
(2) Правилата од ставот (1) на овој член се објавуваат на интернет страната на приредувачот на интернет игрите на среќа.

Член 5

(1) Во интернет игрите на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб што се приредуваат преку веб апликација (веб страна / веб платформа) или мобилна апликација можат да учествуваат само учесници кои се регистрирани кај приредувачот на интернет игрите на среќа.
(2) Учесникот од ставот (1) на овој член регистрацијата ја врши електронски со пополнување на пријава за учество во интернет игрите на среќа на веб апликација (веб страна / веб платформа) или на мобилна апликација на приредувачот на интернет игрите на среќа.
(3) При регистрацијата, учесникот во интернет игрите на среќа склучува договор за учество во интернет игрите на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб кои ги приредува приредувачот на интернет игрите на среќа преку веб апликација (веб страна / веб платформа) или мобилна апликација на приредувачот на интернет игри на среќа.
(4) Договорот се склучува со регистрирањето преку веб апликација (веб страна / веб платформа) или мобилна апликација за учество во игрите на среќа од страна на учесникот, со што учесникот ги прифаќа условите за учество, правилата на игра и другите договорни одредби кои ги пропишал приредувачот на интернет игри на среќа.

Член 6

(1) За регистрација, учесникот во интернет игрите на среќа задолжително ги доставува следните податоци:

- име и презиме;
- адреса;
- ден, месец и година на раѓање;
- и-мејл адреса;
- ЕМБГ
- лозинка и
- податоци за трансакциска сметка каде што ќе се исплатува добивката односно каде што ќе пренесуваат средства од евиденциската сметка.
(2) Ако приредувачот на интернет игрите на среќа утврди дека регистрираниот учесник во игрите на среќа доставил лажни информации и покрај тоа што веќе е регистриран, приредувачот е должен веднаш да го исклучи како учесник и да ја поништи регистрацијата, а за тоа да го извести учесникот веднаш.
(3) Едно лице може да поседува по еден кориснички профил кај еден приредувач, односно со еден ЕМБГ и една иста и-мејл адреса учесникот не може да креира повеќе кориснички профили.

Член 7

Приредувачот на интернет игрите на среќа е должен да му ги стави на располагање на учесникот во игрите на среќа следните информации:
1) сите правила кои се однесуваат на интернет игрите на среќа кои ги приредува и
2) трошоците за учество на учесникот во игрите на среќа кои приредувачот на игрите на среќа може да ги наплати.

Член 8

(1) Приредувачот на интернет игрите на среќа за приредување на интернет игри на среќа отвора и води само една евиденциска сметка на регистриран учесник во игрите на среќа.
(2) Приредувачот на игрите на среќа за приредување на интернет игри на среќа ги евидентира на евиденциската сметка отворена за регистриран учесник во игрите на среќа:
- средствата кои регистрираниот учесник во игрите на среќа ги уплатил на својата евиденциска сметка и
- секоја остварена добивка од одделна интернет игра на среќа намалена за износот на данокот на доход.
(3) Средствата за учество во интернет игрите на среќа кон приредувачите на интернет игри на среќа и исплатите кон сите регистрирани учесници во игрите на среќа се вршат со пренос на средствата преку банка со седиште во Република Северна Македонија. Уплатите за учество во интернет игрите на среќа преку веб апликација (веб страна / веб платформа) или мобилна апликација кај приредувачот на интернет игри на среќа од страна на физичко лице резидент или нерезидент на Република Северна Македонија се вршат во денари.
(4) Уплатените средства на евиденциската сметка од ставот (2) алинеја 1 од овој член не претставуваат промет од игри на среќа согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
(5) Прометот од игри на среќа настанува со уплата (пренос) на влогот од евиденциската сметка на регистрираниот учесник за учество во интернет игрите на среќа преку веб апликација (веб страна / веб платформа) или мобилна апликација на приредувачот на интернет игри на среќа. За износот на влогот на секоја одделна интернет игра на среќа се намалуваат средствата од евиденциската сметка на регистрираниот учесник за учество во интернет игрите на среќа.
(6) Остварената добивка од игрите на среќа за секоја игра намалена за износот на данокот на доход се евидентира на евиденциската сметка на учесникот во играта на среќа.
(7) Приредувачот на интернет игрите на среќа не смее да вклучи учесник во интернет игрите на среќа, доколку:
- не е регистриран согласно со правилата за регистрација на учесниците во игрите на среќа;
- нема доволно средства на сметката на регистриран учесник во игрите на среќа за покривање на висината на влогот; или
- дознае дека средствата потребни за покривање на висината на влогот не се обезбедени на законит начин.
(8) Се забранува уплата на средства во готово од страна на регистриран учесник во игрите на среќа спрема приредувачот на игрите на среќа за приредување на интернет игри на среќа.
(9) Уплатата на средства од страна на регистрираниот учесник во игрите на среќа спрема приредувачот на интернет игрите на среќа за приредување на интернет игри на среќа може да се врши само на еден од следните начини:
1) платежна картичка (кредитна или дебитна) и/или
2) електронски трансфер (електронско банкарство) и/или со уплата на шалтер кај носител на платен промет.
(10) Приредувачот на интернет игрите на среќа не смее да му одобрува кредит на учесникот во игрите на среќа или на сметката на учесникот во игрите на среќа или пак да дејствува како посредник за лице кое обезбедува кредит за да го олесни обезбедувањето на кредитот за учесникот во игрите на среќа или за сметката на учесникот во игрите на среќа.

Член 9

(1) Приредувачот на интернет игрите на среќа е должен, на барање на регистриран учесник во игрите на среќа на чие име е формирана евиденциска сметка кај приредувачот на интернет игрите на среќа, да ги уплати расположливите средства на учесникот во игрите на среќа, со пренос на средствата преку банка на неговата трансакциска сметка, односно на кредитна или дебитна картичка, не подоцна од пет работни дена по приемот на барањето.
(2) Исплатата на средства од евиденциска сметка на регистрираниот учесник не претставува исплата согласно со Законот на игрите на среќа и за забавните игри.
(3) Приредувачот на интернет игрите на среќа е должен во секое време на учесникот да му овозможи увид во неговата евиденциска сметка.

Член 10

Приредувачот на интернет игрите на среќа, должен е да и овозможи посебен електронски пристап во реално време на Управата за јавни приходи. Преку овој пристап, Управата за јавни приходи во секое време може да ги добие следните податоци:
- Податоци од регистарот на регистрирани учесници во интернет игрите на среќа;
- Податоци за евиденција на средствата на евиденциските сметки со време на евидентирање;
- Податоци за влоговите во игрите на среќа со време на уплата за секој поединечен влог;
- Податоци за исплатените средства од приредувачот на евиденциската сметка на учесникот во интернет игрите на среќа со време кога е извршена исплатата;
- Податоци за остварените добивки од интернет игрите на среќа со време на нивно настанување и
- Податоци за исплатените добивки од интернет игрите на среќа со време на секоја поединечна исплата.

Член 11

(1) Глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра ќе му се изрече за прекршок на приредувачот на интернет игри на среќа ако:
- не му ги стави на располагање на учесникот во игрите на среќа информациите од член 7 на оваа уредба со законска сила;
- не му ги уплати расположливите средства на учесникот во игрите на среќа на негова трансакциска сметка во рокот утврден во член 9 на оваа уредба со законска сила и
- не и овозможи посебен електронски пристап во реално време на Управата за јавни приходи до податоците од член 10 на оваа уредба со законска сила.
(2) За прекршокот од став (1) на овој член, на одговорното лице во приредувачот на интернет игри на среќа ќе му се изрече глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност.

Член 12

Оваа уредба со законска сила ќе се применува за време на траење на вонредната состојба како и 6 месеци по престанувањето на траењето на вонредната состојба.

Член 13

Ова уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3323/1                                          Претседател на Владата
24 април 2020 година                на Република Северна Македонија,
Скопје                                                       Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје