УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПОШТЕНСКИТЕ УСЛУГИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 107 ОД 22.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 22 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПОШТЕНСКИТЕ УСЛУГИ

ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за поштенските услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 27/14, 42/14, 187/14, 146/15, 31/16, 190/16, 64/18, 248/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19) ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

За поставување на ред и дисциплина при влез, во внатрешноста и при излез од капацитетите и просториите (во натамошниот текст: објекти), во кои се даваат поштенски услуги кон корисниците на овие услуги, за време на траење на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат редарска служба при влезот, во внатрешноста и при излезот на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и задолжително носење на заштитна маска, марама или шал со кој ќе бидат покриени устата и носот на корисникот на поштенската услуга кој влегува во објектот.

Давателите на поштенски услуги се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците на поштенските услуги пред и внатре во објектот. Ознаките од став 2 на овој член се поставуваат на растојание од најмалку два метри и тоа: пред секој пункт/шалтер на кои корисниците на поштенските услуги пристапуваат за вршење поштенска услуга, како и пред влезот на објектот. Давателите на поштенски услуги се должни најмалку еднаш неделно да вршат превентивна дезинфекција во објектите во кои се даваат поштенски услуги.

Член 3

Mинистерство за економија - Државен пазарен инспекторат ќе врши надзор и контрола над спроведување на одредбите на оваа уредба со законска сила.

Член 4

Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на давателот на поштенските услуги ако постапува спротивно на одредбите од член 2 на оваа уредба со законска сила.

Член 5

Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и 200 дена од престанокот на траењето на вонредната состојба.

Член 6

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3317/1

Претседател на Владата

22 април 2020 година

на Република Северна Македонија

Скопје

Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје