ОДЛУКА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА УСЛОВИТЕ И КРИТЕРИУМИТЕ ЗА РЕПЛАСИРАЊЕ НА СРЕДСТВАТА ОД КОМПЕНЗАЦИОНИТЕ ФОНДОВИ ОД СТРАНСКА ПОМОШ („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 105 ОД 21.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 36, став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11,15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Служебн весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), а во врска со членовите 10 и 11 од Законот за Македонската банка за поддршка на развојот АД Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 105/09), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 18 април 2020 година, донесе

ОДЛУКА
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА УСЛОВИТЕ И КРИТЕРИУМИТЕ ЗА РЕПЛАСИРАЊЕ НА СРЕДСТВАТА ОД КОМПЕНЗАЦИОНИТЕ ФОНДОВИ ОД СТРАНСКА ПОМОШ

Член 1

Во Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензационите фондови од странска помош („Службен весник на Република Македонија бр. 76/12, 91/12, 5/13, 120/13, 23/14, 127/14 и 190/15), во член 1 во ставот 1, зборовите „Македонска банка за поддршка на развојот“ се заменуваат со зборовите „Развојна банка на Северна Македонија”.

Член 2

По членот 2, се додава нов член 2-а кој гласи:

„Член 2-а:

За време на траење вонредната состојба во врска со пандемијата Коронавирус Covid-19 и три месеци по престанокот на траењето на вонредната состојба Банката одлучува и за промена на договорните услови на барање на кредитокорисниците и за реструктуирање на побарувањата на крајниот корисник.“

Член 3

Член 4 се менува и гласи:

„Кредитобарателите треба да ги исполнуваат следните критериуми:
- сопствено учество најмалку 20% од вкупната инвестиција (истото немора да е во парични единици, односно може да е и во средства)

- степен на тековна ликвидност од минимум 0,7 пресметан како сооднос на тековните средства и тековните обврски од Билансот на состојба за последната фискална година;
- степен за способност за сервисирање на долг од минимум 0,5 пресметан како сооднос на нето добивката и амортизацијата од една страна и тековните обврски по камати и главници, од податоците содржани во Билансот на успех и Билансот на состојба за последната година);

- позитивен финансиски резултат во последната фискална година, освен доколку кредитокорисникот приложи банкарска гаранција за одобрениот кредит. Банкарската гаранција се издава во висина на износот на кредитот зголемен за износот на пресметаната договорна камата за времето на кое е одобрен кредитот.
- да нема достасани неизмирени обврски кон државата (даноци и придонеси);
- согласно со податоците од кредитниот регистар на Народна банка на Република Северна Македонија да се во класификација подобра или еднаква на Б (просечна ризичност) категорија на ризик или да немаат кредитна изложеност.

По исклучок од став 1 на овој член кредитобаратели можат да бидат:
- Новоосновани претпријатија чии што основачи се правни лица со позитивен финансиски резултат во последната фискална година и

- Претпријатија кои во последната фискална година оствариле негативен финансиски резултат доколку обезбедат банкарска гаранција за одобрениот кредит.

Член 4

Член 5 се менува и гласи.

„Средствата се одобруваат за кредити под следните услови:

1. За кредити за примарно земјоделско производство со кои може да се набават основни и обртни средства за:

- растително производство: поледелство (житни, индустриски, градинарски и фуражни култури), овоштарство, лозарство;

- сточарско производство: говедарство, овчарство, свињарство, козарство, живинарство, аквакултура, пчеларство;

- нова земјоделска погонска и приклучна механизација.

Износот на кредитот е до 30.750.000 денари. Еднократна провизија при одобрување е 0,8% од износот на кредитот.

Годишна каматна стапка е 2%.

Рок на враќање до 120 месеци со вклучен грејс период до 18 месеци за инвестиции и до 24 месеци со вклучен грејс период до 6 месеци за обртни средства.

За време на грејс периодот се пресметува и наплатува камата од ставот 3 на овој член.

2. За кредити за преработка на земјоделски производи со кои може да се набават основни и обртни средства и тоа:

- опрема за преработка на земјоделски производи;

- изградба на нови и купување или реконструкција на постоечки производни објекти во функција на преработка и складирање на земјоделски производи;
- откуп на земјоделски производи за преработка (најмалку 70% од основната суровина за преработка треба да биде со потекло од домашно производство);

- набавка на сите видови компоненти за производство на добиточна храна;
- набавка на компоненти од неземјоделско потекло во функција на крајниот производ (најмногу 30% од инвестицијата);

- амбалажа и етикетирање.

Износот на кредитот е до 30.750.000 денари.

Еднократна провизија при одобрување е 0,8 % од износот на кредитот.

Годишна каматна стапка е 2%.

Рок на враќање до 120 месеци со вклучен грејс период до 18 месеци за инвестиции и до 24 месеци со вклучен грејс период до 6 месеци за обртни средства.

За време на грејс периодот се пресметува и наплатува камата од ставот 3 на овој член.

3. За кредити за извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки со кои може да се набават основни и обртни средства за потребите на откуп и извоз и тоа:
- разладни уреди за кондициско одржување на употребливата вредност на производите до нивната продажба;

- машини за калибрирање и пакување;

- изградба на нови и купување или модернизација на постоечки објекти за постбербени активности (складирање, кондициско одржување на производите до нивна продажба, калибрирање, пакување) за овошје и зеленчук и собирни центри за млеко;

- откуп на примарни земјоделски производи наменети за извоз;

- откуп на преработени земјоделски производи наменети за извоз (100% домашно потекло);
- амабалажа и етикетирање.

Износот на кредитот е до 30.750.000 денари

Еднократна провизија при одобрување е 0,8% од износот на кредитот.

Годишна каматна стапка е 2%.

Рок на враќање до 120 месеци со вклучен грејс период до 18 месеци за инвестиции и до 24 месеци со вклучен грејс период до 6 месеци за обрни средства.

За време на грејс периодот се пресметува и наплатува камата од ставот 3 на овој член.

Задолжувањето на корисникот, пресметувањето на каматата и плаќањето на доспеаните обврски ќе се врши во денари.

Во случај на задоцнување на плаќањето на обврските во утврдените рокови на достасаните, а неизмирени обврски се пресметува и наплатува законска казнена камата сметано од првиот ден на стасувањето до денот на наплатата во висина пропишана со закон.“

Член 5

Член 7 се менува и гласи:

„За одобрување на користење на кредит одлучува банката и со корисникот на кого му е одобрено користењето на кредитот се склучува договор.

Кон договорот корисникот на кредитот приложува обезбедување на кредитот и тоа хипотека од прв ред на недвижен имот најмалку во висина од 1,5:1 во однос на износот на одобрениот кредит и пресметана договорна камата или банкарска гаранција во висина на одобрениот кредит и пресметаната договорна камата.“

Член 6

По член 8-а се додаваат осум нови члена: член 8-б, член 8-в, член 8-г, член 8-д, член 8-ѓ, член 8-е, член 8-ж, член 8-з, кои гласат:

„Член 8-б

Заради ублажување на последиците од епидемијата на Коронавирус Covid-19 во периодот за време на траење на вонредната состојба и три месеци по престанокот на траењето на вонредната состојба, средствата од Компензационите фондови од странска помош во износ од 492.000.000 денари ќе се користат за директно кредитирање на микро, мали и средни претпријатија од сите дејности, согласно критериумите и условите предвидени во член 8-в до 8-з од оваа одлука.

Член 8-в

За користење на средствата од член 8-б од оваа одлука, кредитобарателите треба да ги исполнуваат следните критериуми:

- да се регистрирани во Република Северна Македонија;

- да се најмалку 51% во приватна сопственост;


- да немаат неплатени даноци и придонеси, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописите од областа на даноците и истите редовно ги плаќаат заклучно со 31.01.2020 година;

- да не се во постапка на стечај или ликвидација;

- да работат подолго од шест месеци и имаат поднесено годишна сметка во Централен регистар на Република Северна Македонија;

- согласно со финансиските извештаи за последната фискална година има главнина и резерви (наведен во билансот на состојба) не помалку од 33% од износот на бараниот кредит;
- согласно со податоците од кредитен регистар на Народна банка на Република Северна Македонија со состојба на 31.01.2020 година, се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или коишто немаат обврски кон банките;

- показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 5.0, а се пресметува како сооднос меѓу вкупни обврски по заеми и кредити/главнина и резерви. Показателот се пресметува врз основа на податоците во биланс на состојба од последната фискална година;

- Намалување на приходот на кредитобарателот за повеќе од 30% во тековниот период, кое ќе се утврдува на еден од следните два начини:
(а) Податоците за приходи од последно расположливиот месец во 2020 година, споредено со приходите од истиот месец во 2019 година; или
(б) Податоците за приходи од последно расположливиот месец во 2020 година, споредено со просечниот месечен приход во 2019 година (вкупен приход/12 месеци).

Податоците од алинеја 9 од овој член, кредитобарателот ќе ги пополни соодветно во образец Апликација за кредит кој е објавен на веб страната на Развојна банка на Северна Македонија.

За претпријатија што работат помалку од 12 месеци, падот на приходите ќе се мери согласно став 1 алинеја 9 точка б) од овој член (вкупен приход/месеци на работење).

Член 8-г

Средствата од член 8-б од оваа одлука, се одобруваат за кредити под следните услови:

Износот на кредит кој може да се одобри зависи од бројот на вработени. Претпријатието може да аплицира и да му биде одобрено максимален износ на кредит пресметан по следната формула:

14.500 денари х 3 месеци х број на вработени

Максимален износ на кредит кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 5.535.000 денари, а минималниот износ на кредитот не може да биде под 184.500 денари.

По исклучок од став 1 на овој член претпријатија до 5 вработени, може да аплицираат за кредит од 184.500 денари и претпријатија со вработени од 128 до 250 вработени може да аплицираат за кредит за износ до 5.535.000 денари.

Бројот на вработени управителот на кредитокорисникот го наведува во Изјава при аплицирањето, со состојба на 31.01.2020 година. Образецот на изјавата е објавен на веб страната на Развојна банка на Северна Македонија.

Член 8-д

Кредитите од член 8-б на оваа одлука се одобруваат од страна на Банката со намена за обртни средства.

Член 8-ѓ

Кредитите ќе се одобруваат со рок на отплата до три години со вклучен грејс период до 12 месеци со намена за обртни средства. Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши квартално.

Член 8-е

Средствата од член 8-б на оваа одлука ќе се пласираат во денари.

Каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува на износ од 0% на годишно ниво.

Банката нема да наплаќа провизија од кредитокорисникот за обработка на кредитните барања.

Член 8-ж

За обезбедување на побарувањата по основ на договорите за кредит од член 8-б од оваа одлука, кредитокорисниците треба да достават меница - авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт и со извршна клаузула.

Член 8-з

По однос на кредитирање на кредитокорисниците од член 8-б на оваа одлука банката ги има следните права и обврски:

- На својата веб-страница и во најмалку два дневни весници да објави јавен повик за аплицирање на потенцијалните кредитокорисници, во кој ќе бидат содржани критериумите, условите и документацијата која треба да биде доставена до банката со цел истата да изврши проверка на исполнетост на критериумите од страна на потенцијалните корисници согласно овaa одлука. Банката да овозможи барањата од кредитокорисниците да бидат доставувани по електронски пат (скенирани документи или документи со електронски потпис) на единствена елeктронска адреса.
- Рок за аплицирање е 15 дена. Јавниот повик може да се повторува до целосно реализирање на средствата наменети за директно кредитирање на трговските друштва, но не подолго од три месеци по завршување на вонредната состојба.
- Банката во рок од 15 дена од денот на приемот на секоја комплетна пријава доставува информација до Владата на Република Северна Македонија за барањата кои ги исполнуваат критериумите од јавниот повик.

- Да склучи договор за кредит со кредитокорисникот во име и за сметка на Владата врз основа на заклучок од Владата на Република Северна Македонија. Да наплати провизија за управување со средствата во име и за сметка на државата во износ од 0,5% од исплатените кредити, квартално. Во рок од осум дена по завршување на кварталот, се доставува известување за пресметана провизија до Министерство за финансии, а Министерство за финансии во рок од осум дена од денот на известувањето од банката ја уплаќа провизијата на соодветна сметка на Развојна банка на Северна Македонија.

- Банката ја следи отплатата на обврските од страна на кредитокорисниците по основ на одобрените кредити и доставува до Владата на Република Северна Македонија редовни полугодишни извештаи за износот и бројот на одобрени кредити и нивната наплата.”

Член 7

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3223/1

Претседател на Владата

18 април 2020 година

на Република Северна Македонија,

Скопје

Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје