УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФОНД ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19 („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 106 ОД 21.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 18 април 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФОНД ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредува формирањето, финансирањето, како и намената на средствата на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 2

Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19 (во натамошниот текст: Фонд), се формира во рамки на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.

За финансирање на Фондот се отвора сметка за донација во рамките на Владата на Република Северна Македонија - Генерален секретаријат.

Член 3

Фондот се финансира од:

1. Паричните средства - донации, донирани од приватни физички и правни лица за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19 и

2. Паричните средства од правни лица во сопственост на државата кои не се: буџетски корисници, единици на локалната самоуправа и Град Скопје и јавни претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, и тоа:
- парични средства во износ од разликата од полниот износ од нето платата до 14.500 денари, согласно Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор и на вонредните и ополномоштени амбасадори и генерални конзули на Република Северна Македонија во странство за време на вонредната состојба;

- паричните паушали и паричните надоместоци кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба;

- паричните додатоци и надоместоците на плата кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба и
- паричните надоместоци на лицата ангажирани по основ на склучен договор за дело кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за исплата на паричен надомест за лица ангажирани со договор за дело во органите на државната власт, регулаторните тела, агенциите, државните комисии, правните лица во целосна сопственост на државата, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје и правните лица основани од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје за време на вонредна состојба.

Член 4

Средствата од член 3 од оваа уредба со законска сила, се уплаќаат на сметката за донации од членот 2 од оваа уредба со законска сила.

Член 5

Средствата собрани во Фондот, ќе се користат за финансиска поддршка на економските мерки за помош и поддршка на микро, малите, средните и големите претпријатија во надминување на економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 6

Владата на Република Северна Македонија донесува Одлука за начинот на уплата и исплата на средства од сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 7

Ова уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3205/1

Претседател на Владата

18 април 2020 година

на Република Северна Македонија,

Скопје

Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје