УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДОНАЦИИ И ЗА СПОНЗОРСТВА ВО ЈАВНИТЕ ДЕЈНОСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 103 ОД 16.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седница, одржана на 16 април 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ДОНАЦИИ И ЗА СПОНЗОРСТВА ВО ЈАВНИТЕ ДЕЈНОСТИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За утврдување на јавниот интерес и за остварување на даночното поттикнување за донациии во јавните дејности, за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Јавниот интерес на донацијата во финансиски средства, добра и услуги, чиј примател на донацијата се буџетските корисници, со цел да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, се смета за утврден согласно оваа уредба со законска сила.
За донацијата од став 1 на овој член не се спроведува постапка за потврдување на јавен интерес во Министерството за правда.
За секоја друга донација во јавните дејности, опфатена со членот 2 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15), со исклучок на донацијата од став 1 на овој член, постапката за потврдување на јавниот интерес се спроведува во хартиена форма или по електронски пат.
Барањето за потврдување на јавен интерес за донацијата од став 3 на овој член, се поднесува во хартиена форма или во форма на електронски или дигитализиран документ, а документацијата што се доставува во прилог на барањето, се доставува во хартиена форма или во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи електронска идентификација и доверливи услуги.
Барањата и документацијата во прилог на барањето од ставот 4 на овој член, се доставуваат до архивата на Министерството за правда доколку се поднесуваат во хартиена форма, а доколку се доставуваат во дигитализирана форма се доставуваат до официјалната електронска пошта на Министерството за правда.
За донацијата од став 3 на овој член, Министерството за правда донесува решение во хартиена форма или во електронска форма потврдена единствено со електронски потпис на раководното лице или од него овластено лице или решение во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.
Во постапката за потврдување на јавен интерес за донацијата од став 3 на овој член, Министерството за правда врши прибавување и размена на докази и податоци по службена должност во електронска форма, согласно одредбите од Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност.

Член 3

За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства кон буџетските корисници-приматели на донација од членот 2 ставот 1 од оваа уредба со законска сила, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, физичкото лице-давател на донацијата, до Управата за јавни приходи, најдоцна до 31 јануари во годината која следи по годината во која ги донирало средствата, доставува Извештај за донирани финансиски средства на буџетски корисник за време на вонредна состојба, на образец „ДЛД-ФЛ-ИД/К19” кон кој приложува копија од договорот за донација, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплатени финансиски средства до Управата за јавни приходи преку системот „e-Персонален данок”.
Извештајот од ставот 1 на овој член е даден во Прилог кој е составен дел на оваа уредба со законска сила.
За остварување на даночното поттикнување за донација во финансиски средства, добра и услуги кон буџетските корисници-приматели на донација од членот 2 ставот 1 од оваа уредба со законска сила, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, правното лице-давател на донацијата, до Управата за јавни приходи доставува даночен биланс кон кој приложува копија од договорот за донација, писмена потврда за примена донација, како и доказ за уплата на средствата.
Документацијата од ставовите 1 и 3 на овој член се доставува во електронска форма.
Буџетскиот корисник - примател на донација во финансиски средства, добра и услуги, чија цел е да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од Коронавирусот COVID 19, е должен до 31 декември 2020 година, до Управата за јавни приходи да достави извештај по електронски пат и во електронска форма за примени донации согласно оваа уредба со законска сила, кој треба да ги содржи следните податоци: единствениот даночен број, односно единствениот матичен број на граѓанинот, називот, односно името и презимето на давателот на донацијата, износот на донацијата во финансиски средства, износот на донацијата во добра и услуги, вкупниот износ на донацијата, бројот и датумот на договорот за донација и бројот и датумот на потврдата за примена донација.

Член 4

За секоја друга донација во јавните дејности, опфатена со членот 2 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/06, 86/08, 51/11, 28/14 и 153/15) која се дава за време на траење на вонредната состојба, со исклучок на донацијата од член 2 став 1 од оваа уредба со законска сила, постапката за даночно поттикнување со враќање на данокот на додадена вредност се спроведува во хартиена форма или по електронски пат.
Барањето за враќање на данокот на додадена вредност на вршителот на прометот за донацијата од став 1 на овој член и документацијата што се доставува во прилог на барањето се поднесува до Министерството за финансии во хартиена форма или во електронска форма.
Кога предмет на донацијата од став 1 на овој член се финансиски средства, барањето за враќање на данокот на додадена вредност се поднесува на образец (ЗДС/ФС-ДДВ), пропишан со Правилникот за начинот на спроведување на даночното поттикнување кога примател на донација добива финансиски средства и истите ги користи за плаќање на набавки на добра и услуги со цел за реализација на јавниот интерес, како и формата и содржината на барањето за враќање на данок на додадена вредност на вршителот на прометот кога примател на донација добива финансиски средства и истите ги користи за плаќање на набавки на добра и услуги како и потребната документација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 78/14).
Кога предмет на донацијата од став 1 на овој член се добра и услуги, барањето за враќање на данокот на додадена вредност се поднесува на образец (ЗДС/ДУ-ДДВ), пропишан со Правилникот за начинот на спроведување на даночното поттикнување при промет на добра и услуги од давателот кон примателот на донацијата, извршен за реализација на донација од јавен интерес, како и формата и содржината на барањето за враќање на данок на додадена вредност на вршителот на прометот, при промет на добра и услуги од давателот кон примателот на донацијата како и потребната документација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 78/14).
Кон барањата од ставовите 3 и 4 на овој член, се приложуваат следните документи како докази:
- фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат) согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба или фактура во хартиена форма од вршителот на прометот, за прометот на добра и услуги издадена кон примателот на донацијата, во која износот на данокот на додадена вредност е искажан во денари;
- решение со кое се потврдува јавниот интерес на донацијата, во хартиена форма или во електронска форма потврдена единствено со електронски потпис на раководното лице или од него овластено лице или решение во дигитализирана форма согласно членот 9 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, донесено од Министерството за правда согласно членот 2 од оваа уредба со законска сила, и
- копија од налог за јавни приходи (Образец ПП-50) за извршена уплата на данок на додадена вредност на соодветната уплатна сметка.
Кога барањата од ставовите 3 и 4 на овој член и документацијата од ставот 5 на овој член се поднесуваат електронски и се доставуваат во електронска форма, поднесувањето се врши на посебна е-маил адреса утврдена од Министерството за финансии. Министерството за финансии, во рок од седум дена од денот на доставување на барањата и документацијата, го потврдуваат приемот на комплетното барање.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2954/1                                                      Претседател на Владата
16 април 2020 година                             на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                  Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје