УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 103 ОД 16.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 април 2020 година донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 86/20), во член 2 став 1* во алинејата 6 по зборот „налогот,“ сврзникот „и“ се брише.
Во алинејата 7 точката се заменува со запирка и се додаваат три нови алинеи 8, 9 и 10, кои гласат:
„- во предметите по започнатите извршувања до 31.3.2020 година врз побарување по сметки на физичко лице кај банка,
- во предметите по започнатите извршувања до 31.3.2020 година врз расположливи средства на сметки на правно лице кај носителите на платен промет - изготвување и
- поднесување на заклучок за запирање со извршување од сметка на физичко или правно лице, доколку должникот го платил долгот“.
По ставот 1 се додаваат три нови става 2, 3 и 4, кои гласат:
„Од извршување се изземаат примањата по следните основи: примање врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката; примање врз основа на надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување; примање од права на парична помош од социјална заштита (гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување, траен надоместок и еднократна парична помош) согласно со прописите од социјална заштита; примање врз основа на привремена невработеност; примања од правата за заштита на децата согласно со Законот за заштита на децата; примање врз основа на стипендија, кредит и помош на ученици и студенти; примање на питомци на Воената академија; надоместок за работа на осуден во казнено-поправен дом, освен за побарување врз основа на законско издржување, како и за побарување на надоместок на штета предизвикана со кривично дело на осудениот; примање врз основа на патни трошоци; примања од право на социјална сигурност за стари лица, согласно со прописите за социјална сигурност за старите лица; средства исплатени како хуманитарна помош или надомест на штета во ситуации предизвикани од елементарни непогоди во услови на донесена одлука за постоење на кризна состојба од страна на Владата на Република Северна Македонија или Собранието на Република Северна Македонија, средствата на посебната сметка која ја поседува извршителот, плата, пензија, надоместок на трошоци за сместување на лице, надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, надоместок за деца корисници на семејна пензија, примања на лица во резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија и Полицијата, примања на воени и мирновременски воени инвалиди врз основа на инвалиднина, ортопедски додаток и инвалидски додаток, примање врз основа на договор за доживотна издршка и доживотна рента, како и врз примањето врз основа на договор за осигурување на животот и средствата исплатени како финансиска поддршка или субвенција на правни и физички лица заради надминување на последиците од Корона вирусот COVID-19.
Во случаите од став 2 на овој член, должникот до извршителот преку електронска комуникација поднесува барање за одложување на извршувањето и доказ дека примањата се според некој од основите утврдени во став 2 на овој член.
Врз основа на барањето од став 3 на овој член, извршителот до носителот на платен промет преку електронска комуникација поднесува барање за одложување на налогот за извршување до 30 јуни 2020 година, без притоа да се наруши редоследот на прием на налогот.”
Во ставот 2 кој станува став 5 зборовите „и носителите на платниот промет” се заменуваат со зборовите „Народната банка на Република Северна Македонија во случај кога со налозите за извршување се задолжува сметка која се наоѓа во рамки на трезорската сметка или здравствената трезорска сметка, Трезорот при Министерство за финансии, односно Трезорот на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија каде што на должникот му се води сметката“.
Ставот 3 станува став 6.

Член 2

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3204/1                                                 Претседател на Владата
16 април 2020 година                          на Република Северна Македонија,
Скопје                                                             Оливер Спасовски, с.р.

*Член 2 став 1 од Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 86/20), кој се дополнува со алинеи 8, 9 и 10, гласи:
„Во периодот од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 јуни 2020 година, извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен:
- во предметите за побарувања врз основа на законска издршка;
- распределбата на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови,
- дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба,
- примање на барања за извршување и електронско евидентирање во Уписникот за примени барања за извршување,
- изготвување на барања за податоци и информации за испитување на економската состојба на должниците и електронска достава до институциите,
- изготвување на налог за извршување врз недвижност и електронска достава до јавната книга заради прибележување на налогот, и
- изготвување на налог за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност и електронска достава до Депозитарот за хартии од вредност.“


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје