УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕВОЗ ВО ПАТНИОТ СООБРАЌАЈ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 103 ОД 16.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 април 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕВОЗ ВО ПАТНИОТ СООБРАЌАЈ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Северна Македонија бр. 86/20), во член 1 во ставот 2 зборовите „како и“ се бришат, а во седмиот ред по зборовите „меѓународен патен сообраќај“ се додаваат зборовите „како и при вршење на превоз на патници за време на траење на вонредната состојба“.

Член 2

По членот 3 се додаваат два нови члена 3-а и 3-б кои гласат:

„Член 3-а

При вршење јавниот превоз на патници, за време на траење на вонредната состојба, превозникот во возилото е должен да го организира превозот со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците и може да има најмногу 50% патници од вкупниот број на седишта, несметајќи го седиштето на возачот.

Член 3-б

Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице ако врши превоз на патници спротивно на член 3-а од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице - трговец поединец и правно лице ако врши превоз на патници спротивно на член 3-а од оваа уредба со законска сила. На одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност.“

Член 4

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3209/1                                                Заменик на претседателот
16 април 2020 година                                  на Владата на Република
Скопје                                                              Северна Македонија,
                                                          м-р Радмила Шекеринска-Јанковска, с.р. 


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје