УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ЗАДОЛЖУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КАЈ МЕЃУНАРОДНИОТ МОНЕТАРЕН ФОНД ЗА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА ОД ИНСТРУМЕНТОТ ЗА БРЗО ФИНАНСИРАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 100 ОД 13.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Закон за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 13 април 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ЗАДОЛЖУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КАЈ МЕЃУНАРОДНИОТ МОНЕТАРЕН ФОНД ЗА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА ОД ИНСТРУМЕНТОТ ЗА БРЗО ФИНАНСИРАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Република Северна Македонија се задолжува кај Меѓународниот монетарен фонд со Инструментот за брзо финансирање во износ од 140.300.000 специјални права на влечење (100% од квотата), наменет за поддршка на Буџетот на Република Северна Македонија за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

Рокот на отплата на повлечениот износ од Инструментот од членот 1 од оваа уредба со законска сила е од три години и три месеци до 5 години од повлекувањето на износот на Инструментот. Секое повлекување од Инструментот ќе се отплаќа во осум еднакви тримесечни рати. Отплатата на првата рата ќе започне по престанокот на траење на вонредната состојба, во јули 2023 година.
На повлечениот износ од Инструментот ќе се применува каматна стапка утврдена според правилата на Меѓународниот монетарен фонд, а согласно условите за финансирање кои важат за Инструментот за брзо финансирање.
За секое повлекување на износот од Инструментот, на Меѓународниот монетарен фонд му се плаќа трошок за услуги во висина од 0,5%.
На одобрениот Инструмент, Република Северна Македонија, на почетокот на секој 12 месечен период од денот на одобрување на Инструментот, ќе плати провизија во висина од 0,15% на износот на неповлечените средства кој може да се повлече во тој период од 12 месеци. Платената провизија на неповлечени средства ќе и се рефундира на Република Северна Македонија до износот на направени повлекувања.

Член 3

Се овластува Народната Банка на Република Северна Македонија во својство на фискален агент на Република Северна Македонија и депозитар на средствата на Меѓународниот монетарен фонд да ги прими и да ги префрли средствата од членот 1 од оваа уредба со законска сила на девизна сметка на Министерството за финансии, согласно Договорот од членот 6 од оваа уредба со законска сила.

Член 4

Средствата од Инструментот од член 1 на оваа уредба со законска сила ќе се користат за поддршка на Буџетот на Република Северна Македонија.

Член 5

Република Северна Македонија, Инструментот од член 1 на оваа уредба со законска сила, ќе го отплаќа со средства од Буџетот на Република Северна Македонија.

Член 6

Министерството за финансии и Народната банка на Република Северна Македонија склучуваат Договор за регулирање на користењето, сервисирањето и враќањето на средствата од Инструментот за брзо финансирање утврден во членот 1 на оваа уредба со законска сила.

Член 7

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3062/1                                                      Претседател на Владата
13 април 2020 година                            на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                  Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје