УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИНТЕРВЕНТНА НАБАВКА НА ЗАШТИТНИ МАСКИ СО ЦЕЛ СПРЕЧУВАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КОРОНА ВИРУСОТ (COVID-19) ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 100 ОД 13.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 1 април 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИНТЕРВЕНТНА НАБАВКА НА ЗАШТИТНИ МАСКИ СО ЦЕЛ СПРЕЧУВАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КОРОНА ВИРУСОТ (COVID-19) ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредуваат начинот и постапката за вршење на интервентна набавка на заштитни маски заради спроведување на мерките за справување со КОРОНА ВИРУСОТ (COVID-19) за време на траење на вонредната состојба.

Член 2

(1) Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: Генералниот секретаријат) формира комисија за спроведување на интервентна набавка (во понатамошниот текст: комисија) составена од пет члена, и тоа по еден член од Генералниот секретаријат како претседател на комисијата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Министерството за здравство, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи.
(2) Комисијата ќе спроведе интервентна набавка на најмалку 2000 заштитни маски дневно за потребите на институциите во Република Северна Македонија од домашни производители.
(3) Заштитните маски предмет на оваа интервентна набавка треба да бидат изработени од материјал соодветен за производство на заштитни маски на економскиот оператор, согласно спецификација или од материјал за производство на заштитни маски обезбеден од Генералниот секретаријат.
(4) Предмет на набавката ќе биде производство, пакување и дистрибуција до институции кои имаат потреба од заштитни маски, согласно доставени податоци од комисијата.
(5) Економските оператори треба да ги исполнуваат следните услови и тоа:
- испорака на најмалку 2000 маски дневно;
- испораката да се врши за период на траење на вонредната состојба;
- единечната цена по маска да изнесува не повеќе од 40 денари плус данок на додадена вредност за маските  изработени од материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор;
- единечната цена по маска да изнесува не повеќе од 25 денари плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал обезбеден од страна на Генералниот секретаријат;
- за материјалот од кој ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се поседува соодветен сертификат за квалитет издаден од страна на овластена лабораторија, со акредитирана метода.

Член 3

(1) Комисијата ќе објави јавен повик за набавка на заштитните маски на веб страницата на Владата на Република Северна Македонија.
(2) Право на учество на јавниот повик ќе имаат сите домашни производители кои ќе ги исполнат условите од членот 2 на оваа уредба со законска сила.
(3) Јавниот повик за набавка на заштитни маски ќе трае 24 часа од денот на неговото објавување.
(4) Најдоцна во рок од еден ден од денот на завршувањето на јавниот повик, комисијата изготвува извештај со предлог за избор и го доставува до Владата на Република Северна Македонија за информирање.
(5) Најдоцна во рок од два дена од денот на информирањето на Владата на Република Северна Македонија за извештајот, Генералниот секретаријат склучува договор за набавка на заштитни маски со добавувачот/добавувачите кои ги исполнуваат условите од објавениот јавен повик.
(6) Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија склучува договор со сите понудувачи кои ги исполнуваат условите, а испораката на 2000 маски дневно ќе биде реализирана на еднакви делови.
(7) Со договор за набавка на заштитни маски ќе се уредат меѓусебните права и обврски помеѓу Генералниот секретаријат и избраните економски оператори во однос на дневната количина на набавката, квалитетот, времето и начинот на испораката, единечната цена, роковите за испорака, роковите за исплата на договорената цена, како и други прашања кои се од значење за уредување на меѓусебните права и обврски.
(8) Исплатата на договорените испорачани заштитни маски ќе се врши преку Генералниот секретаријат.

Член 4

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3102/1                                                  Претседател на Владата
1 април 2020 година                            на Република Северна Македонија,
Скопје                                                             Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје