УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРОИЗВОДИ ЗА ЗАШТИТА НА РАСТЕНИЈАТА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 100 ОД 13.04.2020 ГОДИНА)



Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 13 април 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРОИЗВОДИ ЗА ЗАШТИТА НА РАСТЕНИЈАТА ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за производи за заштита на растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 110/07, 20/09, 17/11, 53/11, 69/13, 10/15, 129/15 и 39/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.
За важноста на решенијата за одобрување за пуштање во промет на производи за заштита на растенија издадени врз основа на дозвола издадена од земја членка на Европската Унија, за време на траење на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Решенијата за одобрување за пуштање во промет на производите за заштита на растенијата, издадени врз основа на дозвола издадена од земја членка на Европската Унија, чиј рок на важење на дозволата е истечен или истекува за време на траење на вонредната состојба, продолжуваат да важат за време на траење на вонредната состојба, како и 90 дена од престанокот на траење на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-3061/1                                          Претседател на Владата
13 април 2020 година                    на Република Северна Македонија,
Скопје                                                       Оливер Спасовски, с.р.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје