ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Групации при Комората
   

Групацијата  е стручен облик на организирање и работење во рамките на Здружението на банкарството  преку кој членовите самостојно одлучуваат и вршат работи и задачи од интерес на својата дејност.

Групацијата е основана на 23.12.2002 година со донесување на Одлука за формирање на Групација за работење со хартии од вредност од страна на Здружението на банкарството.

Здружувањето во Групацијата и истапувањето од неа е слободно и на доброволна основа.

Основни цели и задачи на Групацијата се да разгледува прашања во врска со унапредување на работењето и решавање на тековни проблеми во дејноста, да предлага мерки што се од заеднички интерес на членовите, а кои не се во спротивност со позитивните законски прописи и  добрите деловни обичаи, да разгледува предлози на закони и други прописи, да дава мислења и предлози по прашања од заеднички интерес на членовите  и да покренува иницијативи за донесување и за измени и дополнувања на истите и сл.

Групацијата работи на пленарни седници на кои можат да учествуваат претставници на сите членови на Групацијата. 

Групацијата работи врз основа на донесените Правила за организацијата и начинот на работа на Групацијата за работење со хартии од вредност на седницата одржана на 06.04.2012 година.

На седница на Групацијата која се одржа на 28 мај 2010 година, едногласно беше избран новиот претседател за мандатниот период 2010-2015 година, г-динот Александар Петрески од Еуроброкер, Скопје. Со оглед на тоа што г-динот Петрески даде оставка заради преминување во компанија од друга област, на седницата на Групацијата која се одржа на 06.04.2012 година за претседател на Групацијата до завршување на гореспоменатиот мандатен период беше  едногласно избран м-р Михајло Брова Зиков, директор во Дирекцијата за вршење услуги со хартии од вредност, од Комерцијална банка АД Скопје. Заменик претседател на Групацијата е г-дин Велимир Шиповиќ од Иново брокер АД Скопје.

Групацијата има донесено Кодекс на професионална етика на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија.

 

 

 



Податоци за дејноста

Основни карактеристики на тргувањето со хартии од вредност во 2016 година се:
Вкупниот промет (по сите основи) во 2016 година изнесуваше 3.023.394.172 денари (околу 49,09 милион евра), што е за 13,64 % повисок во споредба со 2015 година;
Остварениот промет на класичното тргување во 2016 година изнесуваше 2.332.462.394 денари4 (околу 37,87 милиони евра), што е за 12,03% повисок во споредба со 2015 година;
Прометот остварен со акции во 2016 година изнесуваше 1.823.563.761 денари (околу 29,61 милиони евра), што е за 26,94% повисок во споредба со 2015 година;
Во 2016 година е остварен промет со обврзници од 508.898.633 денари (околу 8,26 милиони евра), што е за 21,15% понизок во споредба со 2015 година;
Во 2016 година на Берзата се реализирани 145 блок трансакции (администраторски и системски блок трансакции) во вкупна вредност од 645.400.593 денари (околу 10,48 милиони евра), и бележи зголемување од 17,66% во споредба со 2015 година;
Во 2016 година реализирани се продажби на акции по пат на јавни берзански аукции во вкупна вредност од 45.531.185 денари (околу 740 илјади евра), што е за 187,31% повеќе во споредба со 2015 година;
Во 2016 година на Берзата не се реализирани јавни понуди на хартии од вредност;
Во структурата на прометот доминираат реализираните трансакции на Официјалниот пазар со 73% учество во вкупниот промет на Берзата во 2016 година;
На крајот на 2016 година на котација на Официјалниот пазар беа котирани акции на 109 друштва, од кои 29 друштвa на подсегментите Супер котација и Берзанска котација и 80 друштва на подсегментот Задолжителна котација;
Пазарната капитализација на котираните акции на 29.12.2016 година достигна 112,31 милијарди денари (околу 1,83 милијарди евра) и бележи зголемување од 13,04% во споредба со 2015 година, додека пазарната капитализација на обврзниците изнесува 4,44 милијарди денари (72,17 милиони евра) што претставува опаѓање за 9,07% во споредба со 2015 година;
Вредноста на Македонскиот берзански индекс МБИ10 на 29.12.2016 година изнесуваше 2.134,91 што е 16,45% повисок во однос на вредноста на индексот МБИ10 постигната на последниот ден на тргување во 2015 година кога изнесуваше 1.833,26. Повеќе..... 

Извор: Извештај за работа на Македонска берза АД Скопје за 2016 година

 

Пазарот на капитал во 2014 година

   Како официјален датум на создавањето на првата организирана берза на хартии од вредност во историјата на Република Македонија се смета 13 септември 1995 година. На овој датум е основана Македонската берза АД Скопје. Пред овој датум и не постоела ефектна берза. Берзата работи како акционерско друштво на непрофитна основа со задача да обезбеди ефикасно, транспарентно и сигурно функционирање на организираниот секундарен пазар на хартии од вредност во Република Македонија.

   Во текот на 2014 година работењето на Македонската берза се одвиваше под влијание на неколку главни фактори и околности од меѓународен и локален аспект, кои го креираа деловното окружување во кое функционираше Македонската берза, односно имаа свое влијание врз тргувањето со хартии од вредност на Берзата. Растот на светската економија во 2014 година продолжи со слично темпо како претходната година и изнесуваше околу 3,3%. Најголем придонес кон глобалниот раст дадоа САД и Велика Британија, кои остварија поголем раст од очекуваниот и излегоа од рецесијата. Растот на повеќето земји во развој беше со исто темпо како и минатогодишниот од околу 6,5%. Земјите од еврозоната, вклучувајќи ја и Велика Британија (со раст од 2,6%), забележаа благо зголемување на БДП во 2014 година во износ од 0,8%.

   Во 2014 година македонската економија забележа раст од 3,7%, пред се како резултат на странските и јавните инвестиции и благото закрепнување на некои економии во Европската Унија, која е наш доминантен трговски партнер. Подобрените трендови во светската економија во 2014 година, благото закрепнување во ЕУ како и порастот на македонската економија влијаеше врз зголемување на обемот на вложување на инвеститорите во македонски хартии од вредност и покрај повторно регистрираниот нето одлив на странските инвеститори. Тоа влијаеше врз осетно зголемување на прометот и благ пораст на општото ниво на цените на пазарот. Како резултат на воведување на задолжителната котација на хартиите од вредност во 2013 година, во текот на 2014 на Берзата се забележа понатамошното зголемување на обемот и квалитетот на известување на друштвата, а со тоа и на транспарентноста на пазарот на хартии од вредност. НБРМ и во 2014 година водеше релаксирана монетарна политика со ограничување на понудениот износ на благајничките записи, како и намалување на активните каматните стапки на каматите на кредитите преку ноќ и каматите на благајничките записи. Овие мерки придонесоа кон зголемување на кредитниот раст кој годишно изнесува 9,4% и го зајакнаа финансиското посредување во земјата кое изнесува близу 52% (кредити/БДП). Ова резултираше со дополнително намалување на приносите на најсигурните финаниски инструменти. Овој фактор веројатно имаше свое влијание на берзанските движења во 2014 година. Општата ликвидност во економијата сеуште беше голем предизвик за сите економски агенти и истото имаше големо влијание на состојбите на пазарот на хартии од вредност. И покрај евидентниот пораст на портфолиото на отворените инвестициони фондови во Република Македонија (на крајот на 2014 година вкупните средства на фондовите се зголемија за 1,5 пати во однос на 2013 година и достигнаат износ од 30,9 милиони евра) најмногу од средствата дадени на управување беа насочени кон вложување во депозити и должнички хартии од вредност издадени од државата (пред се, раст на паричните фондови) и истото не ги афектираше позитивно берзанските движења.

   Вкупниот промет (по сите основи) во 2014 година изнесуваше 8.704.057.897 денари (околу 141,16 милион евра), што е за 169,10 % повисок во споредба со 2013 година. Остварениот промет на класичното тргување во 2014 година изнесуваше 2.526.521.981 денари (околу 41,00 милиони евра), што е за 19,02% повисок во споредба со 2013 година. Прометот остварен со акции во 2014 година изнесуваше 1.985.368.182 денари (околу 32,21милиони евра), што е за 42,36% повисок во споредба со 2013 година. Во 2014 година е остварен промет со обврзници од 541.153.799 денари (околу 8,79 милиони евра), што е за 25,68% понизок во споредба со 2013 година. Во 2014 година на Берзата се реализирани 91 блок трансакција (администраторски и системски блок трансакции) во вкупна вредност од 1.568.007.940 денари (околу 25,44 милиони евра), и бележи зголемување од 91,32% во споредба со 2013 година. Во 2014 година реализирани се продажби на акции и удели по пат на јавни берзански аукции во вкупна вредност од 280.343.084 денари (околу 4,55 милиони евра), што е за 2,05 % повисоко во споредба со 2013 година.

   Прометот на Официјалниот пазар на Берзата во 2014 година (2,36 милијарди денари) е остварен преку 12.962 трансакции и учествува во вкупниот промет од класичното тргување со 93,23%. Од тоа, 1,81 милијарди денари отпаѓаат на тргувањето со акции (77,02%) при што се склучени 11.539 трансакции, додека прометот со обврзници изнесува 541 милиони денари (22,98%) и истиот е остварен преку 1.423 трансакции.
Остварениот промет на Редовниот пазар на Берзата (171 милиони денари) учествува во вкупниот промет од класичното тргување во 2014 година со 6,78% и 302 трансакции. Од тоа, 1,55 милиони денари отпаѓаат на тргувањето остварено на Пазарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување (0,91%) и овој промет е остварен преку 13 трансакции, додека на Слободниот пазар се остварени 169,65 милиони денари (99,09%) преку 289 трансакции.

   Вредноста на Македонскиот берзански индекс МБИ10 на последниот ден на тргување во 2014 година (30.12.2014) изнесува 1.844,20 индексни поени, што значи пораст од 6,06% во споредба со вредноста на индексот постигната на последниот ден на тргување во 2013 година (30.12.2013) година кога изнесуваше 1.738,86 индексни поени.

   Комисијата за хартии од вредност е одговорна за законито и ефикасно функционирање на пазарот на долгорочни хартии од вредност и за заштита на правата на инвеститорите, со цел постојано јакнење на довербата на широката јавност во институците на пазарот на долгорочни хартии од вредност во Република Македонија.
Комисијата за хартии од вредност е основана на 19.06.1992 година, со Одлука на Владата на Република Македонија, со седиште во Скопје.