ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија
   
19.05.2019 👁 Прочитано: 1178

ОРГАНИЗАЦИЈА, РАЗВОЈ И КАДРОВСКА ПОЛИТИКА


Од моето искуство со раководењето на најголемата бизнис-заедница, во едно сум сосема сигурен - занимавањето со самите себе, т.е. со внатрешните прашања на асоцијацијата е сигурен рецепт за нејзино уништување. Токму затоа секогаш тие прашања сум ги ставал во втор план. Но, од друга страна, доброто функционирање на апаратот, на кадровите, на методологијата се моторна сила и прв услов за исполнување на суштината за која овие организации постојат, а тоа е застапување на интересите на своите членки.

Денеска одлучив да кажам неколку збора за тоа, затоа што мислам дека се наоѓаме на сериозен крстопат како ќе продолжиме понатака. На последната седница на УО предложив две значајни решенија, кои го определуваат нашиот пат понатака. Првото е чисто кадровско и можам да констатирам дека Стопанската комора на Македонија на 10. овој месец ја доби првата жена-потпретседател, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска. Користам прилика јавно да и’ го честитам изборот и да и’ посакам успех во извршувањето на одговорната функција. Со нејзиниот избор заокружена е една значајна фаза во кадровското екипирање, која потврдува дека моменталниот кадровски капацитет (3 доктори на наука, 15 магистри и неколку експерти) е плод на континуирана и на програмирана кадровска политика, што се води од 2005 година навака.

Изборот и на новиот извршен директор Билјана Пеева-Ѓуриќ докажува дека нивното вработување во 2000 година и нивното надградување во овие 19 години е правилен потег, но и шанса која и самите ја искористиле. Токму тоа е вообичаениот пат како треба да се гради професионалната кариера.

Второто прашање е отворањето на постапката за промена на Статутот на СКМ, која ќе се одвива до крајот на годината, без брзање, без притисок, за да се дојде до најдоброто решение, а тоа е отворањето нормативни претпоставки за создавање правна рамка за промените кои отвораат можности за трансформација потребна за наредните десетина години. Расправата за ова суштинско прашање треба да финисира со добивање модерен, стручен и професионален апарат, кој ќе е во можност да ја оствари основната функција на нашето постоење, а тоа е перфектен сервис за најдобрите македонски компании. Ако не го направиме тоа и ако развојот на компаниите дојде во расчекор со нашата екипираност и функционалност, тогаш ќе можеме само да констатираме дека изостанува посакуваниот резултат. Дали јас верувам дека кадровскиот потенцијал во Комората може да го следи кадровскиот потенцијал на нашите успешни членки? Да, јас верувам и сум убеден дека тоа што го правам е единственото исправно решение, бидејќи спроведувам утврдена политика на органите и на телата, во кои седат најуспешните македонски бизнисмени. Само за појаснување: во тие фирми се наоѓа и најголемиот кадровски потенцијал во нашата држава, кои го сочинуваат илјадници инженери, економисти, правници, информатичари, доктори на наука, магистри, експерти, кои ги нема никаде на друго место и кои го носат развојот на нашата економија.

П.С. Со заокружувањето на овој процес не престанува потребата за постојано кадровско екипирање. Ставот на раководството на Комората и мојот личен став е дека тоа мора да продолжи во два правци: 1. Првиот е натамошна едукација на постојните кадри, надвор од границите, во најпрестижните коморски институции во ЕУ. 2. Вториот - доекипирање со кадар кој има претходно комбинирано искуство во приватниот сектор и во државната администрација. На таков начин ќе пополниме определени празнини и ќе се приближиме до реалните проблеми на реалниот сектор и до нивното решавање низ лавиринтите на државната администрација.