ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
18.05.2019 👁 Прочитано: 1075

БИТОЛСКИ ВЕСНИК ПРОСЛАВИ 55 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ


Битолски весник, на 17 мај 2019 година, во Народниот театар Битола со свечена академија, пред претставници на јавниот живот од градот и новинарската фела го одбележа својот златен и редок јубилеј, 55 години од излегувањето на првиот број. Пред точно 55 години, на 29 април 1964 година, излезе првиот број на Битолски весник.

Битолски весник цели 55 години е вистински хроничар не само за настаните од Битола и регионот, туку тој има и непроценливо големо влијание и за информирањето на нашите иселеници во странство, особено во европските и прекуокеанските земји, каде што има бројни претплатници.

Денес речиси нема институција во Битола која не добива Битолски весник. Тој се пласира во сите битолски фирми, акционерски друштва, културни и јавни институции, трговски друштва и поединци.

Од 1964 година до денес редакцијата на „Битолски весник“ отпечатила 2.815 броеви на весникот, без нити еден ден прекин во издавањето.

Во  Битолски весник во изминатите 55 години свој ангажман имале голем број новинарски пера, бројни писатели, поети, рецензенти, критичари, колумнисти, сатиричари, карикатуристи, познати не само на битолскиот медиумски простор, туку и пошироко. Во својата богата издавачка дејност  Битолски весник  во неговата историја издал над стотина книги, брошури, монографии  на значаен  број  битолски автори.

Битолски весник е добитник на многу признанија и дипломи. Во 2004 година по повод 40-годишнината од излегувањето на првиот број  Битолски весник  го доби највисокото општинско признание, наградата „4-ти Ноември“.

Во име на Стопанска комора на Македонија на свеченоста беа присутни повеќе стопанственици, претставници од управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Битола кои на Битолски весник му се заблагодарија на поканата и по тој повод на директорот на весникот му доделија пригодна плакета за досегашната соработка и желби за просперитетната иднина.

М-р Никола Димковски

БИТОЛСКИ ВЕСНИК ПРОСЛАВИ 55 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ