ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
17.05.2019 👁 Прочитано: 2426

РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА, МОЖНОСТ ЗА ЗАЕДНИЧКИ РЕШЕНИЈА И УСПЕСИ


Наташа Јаневска
Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Земјите од регионот на Западен Балкан имаат интереси, проблеми и предизвици слични на нашата земја. Затоа е неопходна засилена соработка на регионално ниво, отворен разговар за заедничките интереси и проблеми и носење заеднички делотворни решенија.

Коморите од земјите од регионот на Западен Балкан ја разбраа потребата од заеднички дијалог. Соработката започна со формирање на Коморскиот инвестициски форум и активности за економска соработка и унапредување на конкурентноста на економиите од регионот, подобрување на бизнис климата и зголемување на стоковната размена со земјите, динамичен регионален инвестициски простор и олеснување на регионалната мобилност.

 

Во рамките на регионалната платформа за соработка во областа на образованието и обуката ,,Иницијативи за реформи во образованието за Југозападна Европа (ЕРИ СЕЕ), регионалната соработка продолжува и во областа на образованието и обуката со квалитетен дијалог помегу коморите и образовните институции со активности насочени кон обезбедување оспособена и лесно вработлива работна сила преку предвидување на потребите на бизнис секторот.

Ваквата соработката, поддржана од ЕРИ СЕЕ, поттикна учество на земјите од Западен Балкан во реализација на заеднички Проект „Кон регионални стандарди на занимања - КОН РЕГОС“ насочен кон дизајнирање заеднички стандарди на занимања во секторот туризам и угостителство и секторот градежништво и геодезија, согласно регионалните потреби на бизнис секторот од земјите во Западен Балкан, со што се продлабочува и интензивира соработката во рамките на образованието, како битен фактор за економски раст и развој на земјите од Западен Балкан и поголема конкурентност во регионот. Со ова се оди чекор напред во остварување на зацртаните цели за создавање на еден регион-една економија .

Заедничката реализација на активностите на учесниците од земјите од Западен Балкан е насочена кон испорака на шест резултати кои придонесуваат за стекнување квалификации или унапредување на истите како и преквалификација или доквалификација според предвидените потреби на пазарот на труд:

1. Унапредена соработка помеѓу бизнис секторот и стручното образование и обука на регионално и национално ниво;

2. Развиена заедничка регионална рамка за развој на стандарди на занимања базирани на регионалните потребина бизнис секторот;

3. Изработени 5 регионални стандарди на занимања: хотелско-туристички техничар, гипсер монтер, поставувач на паркет, поставувач на плочки и молер, во соработка со бизнис заедницата која учествува во описот на работните задачи и функции на занимањето;

4. Усвоени 5-те регионални стандарди на занимања на национално ниво, во нашата земја од Министерството за труд и социјална политика и прифатени на регионално ниво;

5. Изработени и усвоени стандарди на квалификации во национално ниво, на побарувани квалификации од бизнис секторот, врз основа на усвоените регионални стандарди на занимања и

6. Изработка на Физибилити студија за развивање на регионални стандарди за квалификации со акциски план.

Успехот од процесот на регионалната соработка ќе зависи од вклученоста на релевантните партнери кои придонесуваат во планирањето и спроведувањето на активностите, притоа почитувајќи ги интересите на сите регионални засегнати страни.

Всушност, ваквата соработка придонесува глобално да се размислува и во блиска иднина да се дизајнираат универзални квалификации за пристојно вработување на младите по завршување на образовниот процес и постигнување на зголемена вработеност преку системски пристап на пазарно-ориентирана побарувачка и олеснета мобилност помеѓу земјите.

М-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија