ОТВОРАЊЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МЕЏИТЛИЈА ПРИОРИТЕТ ЗА РАЗВОЈ НА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА
➢ Актуелно (24.09.2020)
👁 Прочитано: 840



ОТВОРАЊЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МЕЏИТЛИЈА ПРИОРИТЕТ ЗА РАЗВОЈ НА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА

На барање на бројни членки од Пелагонискиот регион, претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, иницираше средба со генералниот конзул на Р. Грција во Битола, Ракинас Ахилеас.

На средбата која воедно беше и прва официјална средба меѓу локалниот бизнис сектор и новиот конзул, примарна тема беше наметнатиот проблем од моменталната криза поради Ковид-19 и затворањето на граничниот премин Меџитлија-Ники.

Претседателот Велковски ја пренесе загриженоста и итната потреба на нашите компании-членки за повторно отворање на овој локален граничен премин во однос на товарниот сообраќај, кој е директна и најблиска врска со бројни економски партнери од северниот дел на Грција, но и клучна линија за Солунското пристаниште. Поради тоа што овој премин повеќе од два месеца е затворен за секаков сообраќај, поточно од 22.7.2020 година, многу локални компании се изложени на дополнителни трошоци со зголеменото време и должина на транспорт, како и чекање на граничниот премин Евзони.

Со целосно разбирање за мометалната здравствена криза, потребата за отворање на овој граничен премин, што би било под посебни протоколи, сепак е од витално  значење за компаниите од Пелагонискиот и Југозападниот регион на нашата држава.

Генералниот конзул на Р. Грција во Битола, Ракинас Ахилеас, изрази благодарност за оваа средба и ја истакна својата заложба за решавање на овој моментален проблем. Тој ги информираше присутните претставници на Регионалната комора со седиште во Битола дека веќе во два наврата е направена иницијатива од негова страна за отворање на овој граничен премин и негово нормално функционирање. Таа заложба ќе продолжи до конечно решавање на оваа ситуација.

На средбата беа разменети информации од досегашните активности и соработката во прекуграничниот регион со соседните комори од Р. Грција, со надеж за нормализирање и натамошно развивање на истата во наредниот период.

м-р Никола Димковски
Регионална канцеларија Битола