ГЕРМАНИЈА ВЕТИ ПОДДРШКА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН
👁 Прочитано: 3708



ГЕРМАНИЈА ВЕТИ ПОДДРШКА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

За време на своето претседателство со Советот на Европската унија, Германија ќе ја поддржи регионалната економска интеграција и воспоставувањето на посилна рамка за соработка меѓу Западен Балкан и Европската унија. Ова беше заклучокот на видео-конференцијата одржана меѓу сојузниот министер за економски прашања и енергетика на Германија, Питер Алтмаер, пратеникот од Бундестагот, Јоаким Фајфер и претседателот на Управниот одбор на ЗБ 6 КИФ, Марко Чадеж.

Министерот Алтмаер и претседателот Чадеж се согласија за важноста на зајакнувањето на економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан, како најбрз начин за интензивирање и зацврстување на меѓусебните односи во регионот што  ќе доведе до негова побрза интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

За време на претседателството на Германија, неколку клучни настани и форуми ќе придонесат за геостратешкото позиционирање на регионот и за неговото претставување како единствена дестинација за привлекување странски инвестиции, преку германска поддршка за структурниот дијалог меѓу носителите на одлуки на ЕУ, владите на шесте земји од Западен Балкан и бизнис заедницата.

Чадеж најави дека шесте комори од Западен Балкан, членки на Коморскиот инвестициски форум, ќе организираат Инвестициски форум во Германија, посочувајќи дека поради глобалната пандемија, многу германски и европски компании се заинтересирани за можностите за преместување на бизнисот на кратки растојанија (nearshoring) со цел оптимизирање на нивните синџири на вредности. Тој истакна дека е многу важна поддршката на Германија за формирање Деловен совет на шесте земји од Западен Балкан во рамки на Коморскиот инвестициски форум на Самитот за Западен Балкан во Софија. Деловниот совет на ЗБ 6 ќе ги спои 20-те најголеми бизнисмени од регионот кои ќе дадат преглед на проблемите и отворените прашања со кои се соочуваат бизнис заедниците, предлагајќи одржливи решенија во процесот.

- Соработката на шесте комори од Западен Балкан е насочена кон создавање регионална економска област, заснована на целосна имплементација на четирите слободи на кои почива Европската унија, со што ќе се зајакне интеграцијата на регионот и ќе се олесни процесот на пристапување на регионот кон Европската унија, - истакна Чадеж.

Питер Алтмаер ја истакна важноста од продолжувањето на соработката со шесте комори од Западен Балкан и идентификувањето на проблемите и отворените прашања со кои се соочуваат бизнис заедниците од регионот, со цел постигнување на што е можно поефикасни и прагматични решенија. - Редовните состаноци на претседателите на шесте комори со клучните носители на одлуки во Европската унија ќе придонесат за воспоставување рамка за посилна соработка меѓу регионот и ЕУ, - заклучи Алтмаер за време на состанокот.

Јоаким Фајфер, член на германскиот Бундестаг, додаде дека претседателството ќе го искористат за преземање конкретни чекори за исполнување на поставените цели и отстранување на бариерите во регионот, што е задача не само на Германија, туку и на сите други идни претседавачи со ЕУ.

м-р Сања Николова
стручен соработник во Стопанска комора на Македонија