МАСОВНАТА МИГРАЦИЈА И НЕДОСТИГОТ НА РАБОТНА СИЛА ГЛАВНИ ПРЕДИЗВИЦИ НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

   

АКТУЕЛНО / 13.11.2019
👁 Прочитано: 245


МАСОВНАТА МИГРАЦИЈА И НЕДОСТИГОТ НА РАБОТНА СИЛА ГЛАВНИ ПРЕДИЗВИЦИ НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

Претседателот на Советот на странските инвеститори, Штефан Петер, со своите соработници, одржа работна средба со тимот на ММФ, предводен од главниот економист на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Guillaume Poulain во Стопанската комора на Македонија (13.11.2019 година), на којашто се разговараше за актуелните состојби во економијата и предизвиците со коишто се соочуваат странските инвеститори во земјава.

Во рамки на дискусијата, претседателот Петер го поздрави враќањето на системот на рамен данок, како позитивен пример за прифаќање на барањата на бизнис заедницата, што претсатвува чекор напред кон развој на здрава економија. При деловното работење, сосема е нормално да се испробаат одредени мерки и да се повлечат доколку не се доволно успешни.

Во глобален контекст, каде што земјите се натпреваруваат за подобра инвестициска средина, странските компании посебно од автомобилската индустрија многу брзо го дислоцираат своето производство во земји со поповолна бизнис клима.

„Северна Македонија треба докрај да ја искористи својата поволна географска позиција и близината до европските пазари со цел да ја зајакне својата конкуретност и атрактивност при привлекување на странски инвеститори“, посочи Петер.

Штефан Петер го истакна се` поизразениот проблем со недостигот на работна сила којшто  претставува главен предизвик, пред се` на странските компании кои оперираат во земјава, за  да ги исполнат проектираните бизнис планови. Во врска со прашањето за минималната плата, беше посочено дека зголемувањето на минималната плата, а со тоа и порастот на платите во бизнис-секторот е мерка која можеби парцијално може да придонесе за задржување на работоспособното население во државата и подобрување на животниот стандард, но од друга страна, тоа во голема мера може негативно да се одрази врз одржливоста и конкурентноста за бизнисите.

МАСОВНАТА МИГРАЦИЈА И НЕДОСТИГОТ НА РАБОТНА СИЛА ГЛАВНИ ПРЕДИЗВИЦИ НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ 

Недостатокот на квалификувани кадри е проблем од кој се погодени сите индустрии, бидејќи се` поголем е бројот на компании кои алармираат дека заради овој проблем е доведен во прашање развојот на бизнисите, а најмогу се чувствува во внатрешноста на државата. Советот на странски инвеститори во наредниот период  ќе го анализира овој проблем и ќе бара решение преку отворен дијалог со Владата за креирање  политики коишто ќе дадат силни ефекти врз намалувањето на невработеноста и масовната миграција на работоспособното население.

Притоа, м-р Штефан Петер посочи дека компаниите-членки на Советот на странски инвеститори, но и Комората интензивно работат на системски промени во образованието во Македонија, во насока на имплементирање на дуалното образование во средните стручни училишта, со цел создавање квалитетна и квалификувана работна сила и намалување на проблемот со недостаток на соодветни стручни кадри за потребите на странските инвеститори во земјава.

Факт е дека изборните процеси во државата значително можат да влијаат и врз економијата, па така состојбите на политичка нестабилност може да ги одложат планираното производство и инвестициите кај компаниите. За да се постигне побрз и одржлив раст, земјава мора да ги спроведе и неопходните структурни реформи кои значително ќе ја зголемат ефикасноста и продуктивноста на севкупното стопанство и ќе создадат деловна средина во која ќе се воспостават еднакви правила за сите чинители и, истовремено, тоа ќе придонесе за дополнително зацврстување на приватниот сектор.

МАСОВНАТА МИГРАЦИЈА И НЕДОСТИГОТ НА РАБОТНА СИЛА ГЛАВНИ ПРЕДИЗВИЦИ НА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

- Секоја економија има потреба од поволно деловно опкружување, стабилни и предвидливи работни услови и стабилни функционални институции - поентираше Петер.

Влатко Стојановски
д-р Елена Милевска Штрбевска