АДИНГ – „СОСТОЈКА НА СЕКОЈА ГРАДБА“

   

👁 Прочитано: 260


АДИНГ – „СОСТОЈКА НА СЕКОЈА ГРАДБА“

АДИНГ е водечка компанија во Југоисточна Европа за производство и пласман на хемиски материјали за градежништвото, основана на 30.05.1969 година. Токму годинава на денот на основањето, компанијата го одбележа својот 50 јубилеен роденден, што ја вбројува во ретките компании во нашата земја со толкава традиција.

Седиштето на матичната компанија и најголемиот производствен погон се наоѓаат во Скопје, Р. Северна Македонија, а со свои претставништва и дистрибутери низ годините е присутна на повеќе од 20 пазари од регионот на Југоисточна Европа, Блискиот Исток и Азија. Компанијата е присутна со свои производствени погони и во Р. Бугарија, додека свои фирми претставништва има во Р. Србија, Р. Казахстан и Р.  Грција.

АДИНГ – „СОСТОЈКА НА СЕКОЈА ГРАДБА“Производствената програма континуирано ја сочинуваат повеќе од 100 производи кои нудат решенија за најспецифични проблеми со кои се соочува модерното градежништво. Во различни периоди компанијата пласирала и повеќе од 60% од производството на надворешните пазари, па оттука и големиот број на референтни објекти на овие пазари каде се вградени производите и технологиите на АДИНГ - информираше генералниот директор и претседател на УО, Благоја Дончев, на работната средба со претставниците од Стопанската комора на Македонија – д-р Татјана Штерјова, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори, Љупка И. Самарџиска, одговорна за Здружението на хемиската индустрија и м-р Нена Николовска, одговорна за Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите. На работната средба се дискутираше и за активностите на овие здруженија на Комората каде претставници на АДИНГ активно учествуваат и со своите предлози и иницијативи даваат придонес во работењето на Комората. На состанокот беше дискутирано и за предизвиците со кои се соочува компанијата, при што од страна на извршниот директор Горан Атанасовски, беше истакнат проблемот со нелојалната конкуренција предизвикан од сивата економија и од увозот на хемиски производи за градежништвото со нестандардизиран квалитет и ниски цени.

АДИНГ – „СОСТОЈКА НА СЕКОЈА ГРАДБА“Компанијата е една од првите сертифицирани компании со ISO 9001:2000 во Македонија и менаџментот на компанијата има преземено професионална обврска за постојаното подобрување на квалитетот на производите и услугите, грижата кон клиентите и вработените. Поседувањето на сертификатот ISO 14001:2004 ја докажува грижата и активната политика на АДИНГ кон животната средина и вниманието кон неа, а на почетокот од 2014-та година, компанија се стекна и со А-Интегрирана еколошка дозвола. Токму некои од овие квалитети ја потврдуваат позицијата на општествено одговорна компанија.

Целата групација АДИНГ, денес има повеќе од 150 вработени од кои околу 90 вработени се во матичната компанија, а останатите во компаниите членки на групацијата во Р. Северна Македонија и светот. АДИНГ е инженерска компанија со повеќе од 40% градежни инженери, архитекти, хемиски инженери, технолози и други високостручни профили кои работат во секторите: производство, техничка примена и пласман, истражување и развој, контрола на квалитет итн.

Интересното мото на компанијата и нејзината цел, да се биде „состојка на секоја градба", менаџментот го поткрепува и со определбата, за секој нејзин клиент во регионот и пошироко, навреме да обезбеди квалитетни хемиски производи потребни за градежништвото, супериорна техничка и професионална помош, со поголема сигурност и компетитивност од останатите конкурентски компании.

Љупка Илиевска-Самарџиска