ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
13.09.2019 👁 Прочитано: 470

ПРЕЗЕНТИРАНИ АКТИВНИТЕ ПОЛИТИКИ ЗА ПОДДРШКА ПРЕД КОМПАНИИТЕ ОД ШТИП


 Согласно активните политики на Владата на РСМ за користење на средствата за финансирање на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија и субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за покачување на платите на вработените до 6000 денари, пред стопанствениците од Источниот регион на земјата, во организација на Регионалната комора со седиште во Штип при Стопанската комора на Македонија, беа презентирани мерките за поттикнување на инвестициите, технолошкиот развој и зголемување на конкурентноста на македонските компании уредени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Штип, Наум Барзов, посочи дека ваквите мерки треба да бидат мотив за компаниите да вложуваат во поголема продуктивност.

-Во таа насока, Владата обезбеди сет на мерки предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите чија основна цел е поттикнување на економскиот раст и зголемување на конкурентноста пред сė на производно ориентираните компании, како и мерки предвидени со Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, чија цел е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ со која ќе се подигне економскиот стандард на вработените и ќе се намали одливот на кадар од државата, - истакна д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Беше истакнато дека компаниите кои имаат реализирано инвестиции во 2018 година, а со оглед дека законските рокови за склучување договори се до 15 ноември 2019 година, се препорачува барањата за финансиска поддршка со потребната документација да ја достават најдоцна до 15 септември 2019 година до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ, за инвестициски проекти надвор од технолошко-индустриските развојни зони, односно до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за инвестициски проекти во овие зони. Согласно Законот, државата има обврска одобрената финансиска поддршка да ја исплати најдоцна до 25 декември во тековната година.

-Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кој е веќе достапен на страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) има за цел да ги поттикне работодавачите да исплаќаат повисоки плати на вработените, на начин што државата ќе обезбеди поддршка на компаниите кои ќе ги зголемат платите на своите вработени во износ од најмалку 600 до најмногу 6.000 денари над досегашните примања, при што во однос на зголемениот надоместок компаниите би имале обврска да платат само персонален данок на доход, додека државата ја презема обврската да ги надомести трошоците за придонесите од задолжително социјално осигурување за износот за кој е одобрено субвенционирање на придонеси, - информираше д-р Анѓушев.

Во рамките на презентацијата во отворена дискусија претставниците на компаниите поставуваа прашања во насока на допрецизирање на одредени дилеми кои ги имаат по основ на двете мерки кои им стојат како можност за поддршка во насока на зголемување на продуктивноста на работењето.

На настанот во Штип присуствуваа и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

Моника Стоичева

ПРЕЗЕНТИРАНИ АКТИВНИТЕ ПОЛИТИКИ ЗА ПОДДРШКА  ПРЕД КОМПАНИИТЕ ОД ШТИП
ПРЕЗЕНТИРАНИ АКТИВНИТЕ ПОЛИТИКИ ЗА ПОДДРШКА  ПРЕД КОМПАНИИТЕ ОД ШТИП